Заради се почестите претставки од граѓани, фирми и граѓански организации за пишувањето и известувањето на радиодифузерите, печатените медиуми и интернет порталите, Советот на честа при ЗНМ изразува загриженост поради непридржувањето кон Кодексот на новинари.
Исто така непримерна е злоупотребата на новинарите од страна на разни центри на моќ кои влијаат да промовираат сопствени интереси.
– Советот на честа укажува дека сите што работат во било кој вид медиум без оглед на тоа дали се новинари по вокација или не, мора да водат сметка за тоа што објавуваат, каков речник користат и со какви аргументи настапуваат во своите информации, особено кога се тие директно насочени против некого или против некоја фирма или граѓанска организација. Од тие причини предупредуваме дека во огромен број случаи се објавуваат непроверени информации или непотпишани текстови во кои се кршат новинарските професионални и етички норми и стандарди. При тоа многу често се шири говор на омраза и се создава состојба на линч против неистомисленици или во најмала рака нетрпеливост кон одредени личности и групи – се наведува во соопштението.
Советот на честа потсетува дека и интернет порталите ги имаат сите права и обврски како и другите медиуми и дека токму поради тоа треба да водат сметка и да придонесуваат за заштита на слободата на говорот и на новинарството како професија, а не да поттикнуваат ширење на говор на омраза, нетолеранција и оцрнување на личности и групи.