Советот ја разреши Јанева, прекинува и мандатот на обвинителите од СЈО

by Fokus

Советот на јавни обвинители на вонредната седница вечерва едногласно ја разреши од функцијата специјален јавен обвинител Катица Јанева за незаконско, нестручно и несовесно работење.

Одлуката ќе биде објавена во Службен весник, но стапува на сила од денеска.

Во понеделник на продолжението на седницата, ќе се констатира и престанок на мандатот на другите обвинители во СЈО, бидејќи како што рече претседателот на Советот Ацо Колев на прес конференцијата вечерва, како што е предвидено во Законот на СЈО, нивниот мандат не може да го надмине мандатот на специјалниот јавен обвинител.

Тој не сакаше да прејудицира што ќе се случи со обвинителите, но рече дека најверојатно ќе се вратат во матичните обвинителства.

Иако Законот за СЈО се уште е во важност и не е донесен нов закон за ЈО во кој треба да се регулира позицијата на СЈО, Колев рече дека Советот нема да назначи вршител на должноста, бидејќи назначувањето е на предлог на Собранието

-Став на Советот е дека не постојат услови за поставување в.д. имајќи го предвид самиот Закон за СЈО каде стои дека  предлог за именување специјален јавен обвинител дава Собранието. Ние очекуваме предлог од Собранието, бидејќи овој Закон се уште е во важност, па ќе одлучуваме, рече Колев.

Претходно денеска во Собранието едногласно без ниту еден глас против од присутните пратеници, Катица Јанева е разрешена од функцијата шеф на СЈО. За разрешувањето на Јанева гласаа 102 пратениици.

Јанева е разрешена за несовесно, незаконско и нестручно работење. Претседателот на Собранието Талат Џафери го достави Извештајот за разрешувањето на Јанева до Советот на јавни обвинители.

 

Процесот на разрешување на Јанева почна на 5 септември, кога Комисијата за избори и именувања зад затворена врата едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши Јанева. Одлуката беше донесена врз основа на извештајот на Советот на јавни обвинители за разрешување на Јанева поради нестручно, незаконско и несовесно работење.

 

Таа е осомничена дека посредувала во Рекет односно дека му го олеснила статусот на осомничениот бизнисмен Јордан Камчев во случајот „Империја“ за што прибавила материјална корист. Јанева веќе 2о дена е во притвор во Шутка.

 

Поврзани новости