Најголемата опозициска партија реши – бојкот на изборите во Србија

by Fokus

Најголемата српска опозициска партија Демократската партија (ДС) на денешната седница на Главниот одбор со апсолутно мнозинство одлучи дека нема да учествува на изборите напролет 2020, но дека сепак ќе продолжи активно да се бори за создавање услови за слободни и фер избори, како и со комуникацијата со Европскиот парламент, меѓународните организации и претставници во борбата за демократски изборни услови.

Со оглед на фактот што не постојат основни услови за слободни и фер избори, бидејќи власта нема исполнето ниту едно од заедничките опозициски барања и не прифати ниту еден од предлозите на групата на независни експерти, ниту, пак, покажа некоја искрена намера за суштински промени, околности во кои изборите се невозможни, Демократската партија-обединета нема да учествува на изборите, беше одлучено на седницата на ДС.

Претседателот на ДС, Зоран Лутовац, на седницата на Главниот одбор на партијата рече дека единствен одговор на однесувањето на режимот е бојкот на изборите.

Режимот со интензивна медиумска кампања која често се претвора во хајка, со узурпација на институциите и со суспендирање на правата, не остава простор за различен одговор од бојкотот како средство за борба. Тоа не е цел сам по себе, туку ефикасно средство за притисок. Ние ја донесуваме одлуката навремено и таа мора да биде јасна, недвосмислена и навремена, кажа Лутовац,  стои во соопштението од ДС.

Ниту денес, ниту утре, во Србија, додаде, нема демократија. Затоа задача и должност на ДС е доследно да ги спроведува стремежите и слободарските еманципаторски надежи, рече Лутовац, кој ги сумираше седумте години од владеењето на Александар Вучиќ, нарекувајќи ги катастрофални.

После седум години, Србија е автократија, заробено општество и се живее неспоредливо полошо од порано, оцени Лутовац.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, по завршувањето на седницата на Главниот одбор на ДС, започната е конститутивната седница на обединетата Демократска партија, со Социјал демократската партија (СДС) на поранешниот српски претседател Борис Тадиќ и со партијата Заедно за Србија (ЗзС) на градоначалникот на Шабац, Небојша Зеленовиќ, на која ќе се разговара за натамошните смерници во заедничкото дејствување.

Демократската партија е петта партија од Сојузот за Србија (СзС) која официјално објави дека ќе ги бојкотира претстојните избори.

Олука за бојкотот на изборите прва донесе Народната партија (НС) на Вук Јеремиќ, потоа движењето Двери на Бошко Обрадовиќ, потоа и Партијата за слобода и правда (ССП) на Драган Ѓилас и партијата Заедно за Србија (ЗзС) на градоначалникот на Шабац, Небојша Зеленовиќ. Бојкот најави и иницијативата „Да не го давиме Белград“, како и организаторите на протестите „1 од 5 милиони“.

Поврзани новости