Советот на Општина Центар ја прифати иницијативата на советничката Јана Белчева-Андреевска да се искористи законската можност за суспензија на плановите за градење, откако вчера Уставниот суд одлучи да го укине мораториумот. Откако го усвои, Советот го задолжи градоначалникот Саша Богдановиќ итно да ја започне постапка за суспензија и во рок од десет дена да ја достави потребната документација до Министерството за транспорт и врски, кое потоа има 15 дена да се произнесе.
„Донесувачот на планот (во случајот Општина Центар), одлуката за суспензија ја донесува врз основа на стручен елаборат за суспензија на применувањето на урбанистичкиот план, негови делови или плански одредби, изработен од комисијата за урбанизам од членот 38 од овој закон, а по претходно добиено мислење од министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, кое се издава во рок од 15 работни дена по приемот на стручниот елаборат и барањето за мислење“, предвидува Членот 23 од Законот за градење на кој се повика Белчева.
Ваквиот чекор локалната власт презема откако вчерашната одлука на Уставниот суд за укинување на мораториумот го отвори патот за градење на територија на општината каде ДУП-овите беа оспорени. Одлуката за укинување на мораториумот е времена, што значи дека забраната за градење се укинува сè додека уставните судии понатаму не се произнесат дали мораториумот бил согласно Устав или не.