Премиерот Зоран Заев и криминалниот картел на власт не работат во интерес на граѓаните и државата, туку само за себе и бизнисите на своите блиски, ова на денешната прес конференција го потенцираше Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој тврди дека Заев со парите на граѓаните, над половина милион евра ги плаќа советниците, од кои најголем дел од нив по ниту еден критериум во нормална Влада не би биле советници на ниту еден Премиер.
-Еден од таквите еклатантни примери е Силвио Аврамовски. Човекот е непознат за јавноста, но Заев си го назначил за надворешен соработник за економски прашања и зајакнување на економската соработка со земјите од Кавказ и Блискиот Исток. Во медиумите единствено се појавува како човек кој бил избран за делегат на Конгресот на СДСМ во 2011 година. Врска со Блискиот Исток или Кавказ, никаква. Единствено неговата сопруга Маја Аврамовска Трпевска се јавува како вработена во германска невладина организација која што оперира во градот Тбилиси. Уште позагрижувачка е информацијата која што кружи во јавноста дека Силвио Аврамовски е токму човек кој што има досие во полиција. Затоа, прашуваме дали пред неговиот ангажман како советник на Зоран Заев, Владата го проверила неговото досие? Дали е точно дека против него се водела постапка затоа што во кафеана пукал во припадник на специјалните единици? Дали бил осуден за ова дело, дали одлежал затворска казна или истото дело му е избришано од досието?, прашува Арсовски.
Тој вели дека ова се прашања кои владата мора веднаш да ги одговори. Овие советници не земаат плата од фирмите на Заеви, туку од граѓаните. Затоа јавноста мора да знае кого плаќа, колку плаќа и зошто ги плаќа.