Советникот од СДСМ во Ѓорче Петров, Влатко Цветковски пријавил дека бил нападнат од советник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Како што наближуваат локалните избори, така расте нервозата во ВМРО-ДПМНЕ затоа што стануваат свесни дека немаат поддршка од граѓаните и ги чека нов убедлив пораз.
Насилничката, режимска матрица се уште е силно присутна во ВМРО-ДПМНЕ како на централно така на локално ниво.
На последната седница на Советот на општина Ѓорче Петров јас бев предмет на директни, јавно искажани закани по мојот живот и по животот на моето семејство.
Пред сите советници, од страна на координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Славчо Мисајалевски бев физички нападнат и добив директни закани по својот живот и безбедноста на моето семејство“, истакна Цветковски.
Случајот е пријавен и во полиција.
„На 29.01.2021 во 13.00 часот В.Ц.(33) од Скопје, пријавил дека околу 12.50 часот во просториите на Општина Ѓорче Петров С.М. му упатил закани. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, додаваат од МВР.