Советник на ВМРО-ДПМНЕ во Гевгелија и сопартиец на поранешниот директор ги опремил со слики канцелариите на „Водовод“

by fokus

(на сликата од лево кон десно: Драги Хаџи Николов, Иван Франгов-поранешне градоначалник на Гевгелија, Александар Атанасов – поранешен директор на „Водовод и канализација“)

Уметничките слики кои се наоѓаат на секој ѕид во кабинетот на директорот на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ се дело на уметникот Драги Хаџи Николов, кој е советник во претходниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ во Гевгелија, но и претседател на општинскиот Совет. Слики од овој автор чекаат да бидат закачени и на ѕидовите во други канцеларии, а го чинеле јавното претпријатие околу 22.000 евра.

Уметничките дела со етно, религиозни и антички мотиви се набавени во постапка со преговарање без објавување оглас. Договорот со Хаџи Николов е склучен неколку недели пред локалните избори и пред промена на власта во Скопје.

Поранешниот директор, Александар Атанасов, кој му е и сопартиец на уметникот, вели дека не одлучил тој за набавката. Одлучил Жарко Чаушевски, архитект и творец на барокната ротонда во која е сега сместено претпријатието.

-Не одлучив јас да се ангажира Хаџи Николов. Да, точно е дека јас го склучив договорот, но за тоа со кого ќе биде склучен одлучи посебна комисија предводена од Жарко Чаушевски, како автор на зградата – вели Атанасов.

Набавката на слики во вредност од милион и пол денари било позиција предвидена во договорот со „Алдинг Инжинеринг“ за изградба и опремување на зградата. Директорот одлучил да се реализира одделно, во посебна постапка. Така, вели тој, била формирана комисијата на чело со Чаушевски, а набавката била одобрена од Советот за јавни набавки.

Хаџи Николов редовно има изложби низ салоните во Македонија, а финансирани од Министерството за култура. Во 2011 година неговите дела беа изложени во ликовниот салон на МАНУ.

 

Пред да биде поставен за претседател на Совет на Општина Гевгелија,  беше директор на градската библиотека Гоце Делчев во овој град. Драги Хаџи-Николов стана претседател на Советот во време кога веќе бившиот директорот на „Водовод и канализација“ – Александар Атанасов, беше претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ Гевгелија.

 

Поврзани новости