Совети од девојка која е во државен карантин: Земете си книги, удобна облека, средства за хигиена…

by fokus

Даниела, која од вчера се наоѓа во државен карантин, на својот фејсбук профил објави листа на потребни работи, за да им помогне на оние граѓани кои се враќаат од странство, а ќе бидат ставени во изолација.

“Драги пријатели, од вчера сум во државен карантин и најпрво би сакала да се заблагодарам на сите љубезни граничари, полицајци, шофери, медицински лица, хотелскиот персонал, како и на сопатниците, секој се труди најдобро што може во дадените околности. Благодарам и на многуте пријатели кои ме контактираа и се грижат за мене.

Денес коментирав на една објава на министерот Филипче и добив прашања од нашинци околу карантинот, што треба да се понесе, како било на граница и слично. Добив и коментар дека информациите им биле корисни или ги смириле зашто знаат што може да ги очекува. Ова ме мотивираше да направам список на побитни информации од моето лично искуство и кои работи би ви требале. Второво зависи од тоа и каде сте сместени, па ова е список кој одговара за моето место.

Што да понесете, а што би можеле да ви донесат семејството или пријателите во зависност каде сте сместени

-Маски и ракавици
– Спреј за нос, може и обичен физиолошки раствор
– Средства за дезинфекција, 70% алкохол на пример и мали памукчиња, како оние за шминка, за да можете полесно да бришете помали површини (на пример телефонот) и за да не трошите непотребно алкохол. Веќе некое време користам спреј за дезинфекција од ДМ кој што е за сите површини, а шишето е лесно за пакување во куфер.

– Лекови што ви требаат или може да ви затребаат, а може секако да си земете стрепсилс или слично за грлото или кафетин или др. повеќенаменско.
– Четка и паста за заби
– Течен сапун, доволно количина (особено ако го користите и за туширање)
– Крем за раце/лице/тело, многу се суши кожата, веројатно зашто подолго време сме во затворен простор, често се миеме раце, па ракавици, дезинфекциско средство и ете
– Шампон (може ќе има, ама за секој случај)
– Улошки, дури и да не ви е периодот за добивање, заради ситуацијата да не ве изненади
– Крпи/пешкири (има во хотел, ама не знам колку често ќе ги менуваат, а и нема доволно) и тоа земете повеќе мали и две поголеми, малите се згодни за повеќе работи и крајно полесно е да ги исперете и исушите
– Салфетки/паломи/хартија за во кујна, зашто јадеме во соба и секако треба да одржуваме и чисто
– Влажни марамчиња и за хигиена и за чистење ќе се најдат
– Доволно долен веш, како и хулахопки, чорапи за 14 дена, зависи кој што носи, нема многу услови за перење т.е. повеќе нема како да сушиме, за перење ќе се снајдеме
– Поудобна облека и обувки, зависно од временските услови, сега ми треба потопла облека, а јас се подготвив за пролет на пример 🙂
– Влечки за по соба, особено за во купатило, најдобро гумени.
– Постелнина, не дека дома менуваме почесто отколку овде, туку тука може да ви е попријатно во ваша и да се чувствувате посигурно
– Самолепливи ливчиња и пенкало, за оставање пораки на врата, па кога иде некој ги гледа
– Доволно книги, ако читате, јас случајно земав неколку поголеми за кои никогаш не наоѓав време, па сега добро ми дојдоа

Следниве работи зависи каде си сместен, јас замолив за дел од нив и ми ги донесе другарка ми, за што сум и многу благодарна, а како што напишав претходно се примаат пакети во одреден термин од денот:

– Средство за чистење тоалет и сунѓерчиња
– Прибор за јадење, основен
– Чаши, може и една стаклена чаша и една шолја, па ќе миете
– Тоалетна хартија (има, ама се троши, а нема како да побараш да ти донесат, имаме контакт само кога ни носат јадење и ако слушнеме дека ни остава некој пред врата нешто)
– Греалка, мене ми требаше зашто е многу ладно, веројатно не треба секаде, а и ќе се стопли
– Електрично ѓезве / бокал за топлење за вода, за да подгтовувам чај, се уплашив вчера од ладното дека ќе настинам. Не е исто кога си дома и од нога да ја поминеш настинката и тука.

– Кому му треба за занимација грицки и чоколади, ама мој совет се апетисани ем за здравје ем стојат подолго време, но можеби несолени (на пр. непечени бадеми, лешници)
– Јас пијам вода од чешма, ама инаку можеби и вода треба, зашто не ни носат вода
– Шалеви, имаат повеќенаменска употреба
– Ќесиња во разни големини, се наоѓаат како подлога за оставање на работите, за валканите алишта, за чување на храната, на пример на тераса.

Ако сметате дека е корисно да споделите со ваши роднини или пријатели кои сакаат да си дојдат дома, ама не знаат како ќе биде во карантин, слободно споделете. Сепак ова е прв ден и за мене, па не знам како ќе биде понатаму.

Ве поздравувам од Охрид, напиша Даниела.

Поврзани новости