Од Србија тргна извозот на 4.000 тона брашно за Македонија и Црна Гора

by Fokus

Извозот на брашно од српските мелници тргна за Македонија и Црна Гора, а се очекува одредени количини да бидат испорачани и во БиХ и Албанија, изјави директорот на Здружението „Житоунија“, Здравко Шајатовиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, наведените држави се најголеми купувачи на брашно од Србија, а испораките запреа кога привремено беше воведена забраната за извоз на основните прехранбени производи заради пандемијата со корона вирусот.

-Првите испораки тргнаа од пред четири дена и се одвиваат добро, со мали застои, како што се проблеми со камионите и возачите, кои се решеваат во движење. Очекуваме до сабота повеќе од 4.000 тони брашно да бидат извезени, што е одличен биланс, бидејќи некои од нашите мелници имаа преголеми залихи, а некои, поради оваа причина беа пред затворање, изјави Шајатовиќ за „Политика“.

Тој оцени дека Србија има доста залихи и нема проблем да ги задоволи потребите на домашниот пазар, како и дека ослободувањето на извозот е добар потег што ќе ја подобри ликвидноста на овој сектор кој претрпе голема загуба, најмногу поради воведување такси и прекин на испораката на брашно на Косово.

Со привремената Одлука за забрана за извоз на основните прехранбени производи поради коронавирусот и воведената вонредна состојба, српската Влада излезе во пресрет на барањата на земјите во регионот, пред сé на барањата на Македонија, БиХ и Црна Гора за извоз на брашно во тие земји, донесувајќи посебна одлука со која е дозволен извозот на брашно од пченица во овие држави.

Поврзани новости