Извршниот одбор на Бугарската социјалистичка партија го повика претседателот Румен Радев да даде јасен одговор зошто Бугарија е споменувана во информациите, изнесени од руска страна, за експлозијата на Кримскиот мост.
Раководството на БСП го повикува претседателот на државата итно да им ја довери на специјалните служби истрагата за случајот со камионот што тргнал од Бургас.
Социјалистите инсистираат на тоа дека во оваа растечка конфронтација треба да се даде брз и јасен одговор и да не се дозволи Бугарија на кој било начин да биде вовлечена во конфликтот.
Како потсетување, шефот на рускиот Истражен комитет, Александар Бастрикин, вчера изјави дека камионот што се разнесе на Кримскиот мост се движел по маршрута која ја вклучувала Бугарија.
Според лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, не може да се зборува за бугарска трага во случајот со камионот што ја предизвика експлозијата на Кримскиот мост. Според него, за време на војна секој гледа тензијата да ја исфрли надвор.
Камионот подолго време се движел низ пет земји, а според него, јасно е дека експлозивот не бил натоварен во Бугарија, бидејќи не би можел да ги мине границите и можел и да се саморазнесе некаде на оваа маршрута.