Соседите имале недоразбирања, но никој не можеше да претпостави дека ќе случи ваква трагедија, велат демиркапијци

by fokus

Се уште трае увидот во Демир Капија каде утрово се случи трагедија, кога маж на возраст од над 60 години првин го убил својот сосед, кој бил на возраст од околу 30 години, а потоа се самоубил.

Од СВР Велес најавија повеќе детали за настанот по завршување увидот, а демиркапијци вознемирени од убиството и самоубиството за ,,Фокус” велат дека не се сеќаваат на таква трагична случка во минатото во нивната општина.

Неофицијално, двајцата соседи имале претходни недоразбирања подолг период. Живееле во иста зграда, а за меѓусебните недоразбирања пријавувале и во полиција.

-Никој не можеше да претпостави дека состојбата до толку ќе излезе од контрола и дека ќе се случи ваква трагедија! Две семејства се завиени во црно.
Помладиот демиркапиец се уште немаше оформено ниту свое семејство, повозрасниот минуваше низ тежок период и се соочуваше со болест на близок член во фамилијата. Сите сме во шок – за ,,Фокус” раскажаа жители на општината.

Што точно се случувало во зградата каде живееле починатите мажи, и што претходело на настанот, ќе биде соопштено во тек на денот, изјавија од СВР Велес.

Вики Клинчарова

Поврзани новости