Соседите го пријавиле во полиција новинарот Данов, затоа што позитивен на Ковид-19 седел во својот двор!

by Fokus

Бројот на лица инфицирани со Ковид-19 во Кавадарци изминатиот период значително се зголеми. Ако на пример, до први јули имаше само 15 активни случаи, денес во градот активни се дури над 100 случаи.

Помеѓу оние кои се најдоа на удар на вирусот е новинарот и уредник во КТВ, Ангел Данов, лик од малите екрани во Тиквешијата кого јавноста го гледа со години наназад, семеен човек и татко на три деца, познат по својата скромност помеѓу сограѓаните.

Додека тој со семејството времето во изолација го минува дома, во исчекување на контролните тестови, вели дека за овој период испливал на површина менталниот склоп на многу поедници, а непромисленото однесување на многумина го оставило без текст.

Во интервјуа со голем број на позитивни пациенти кои „Фокус” ги објавува од почетокот на пандемијата, речиси сите покрај тоа што се борат со болеста, мора да се справуваат и со предрасудите на околината, наидуваат на ситуации во кои поединци не само што не можат да покажат емпатија, туку дури и со своето однесување им предизвикуваат немили случки, а неретко ги ставаат и на јавен линч.

Во случајов, новинарот Данов, додека е во изолација, што според здравствените прописи подразбира да се нема контакт со никого од надвор и да се престојува на адресата наведена во документацијата, негови соседи го пријавиле во полиција, бидејќи седел во сопствениот двор, што воопшто не е прекршок.

-И покрај тоа што ги почитував сите мерки на заштита, сепак на шести август добив позитивен резултат. Имав температура 24 часа, затоа и се тестирав, а за целото време, уште од кога се посомневав на вирусот, постапив според здравствените протоколи, се изолирав. Во изолација е и моето семејство. И покрај тоа што сега сум без симптоми, останувам дома, до добивањето на два негативни резултати од тестови, како што налага законот. Но, имав непријатно изненадување, кога полицијата ми кажа дека мои соседи ме пријавиле, бидејќи сум седел во сопствениот двор! Тоа не е никаков прекршок, нормално дека седев сам, немав контакт со никого. Полициските службеници веднаш, во старт ми кажаа дека пријавата е отфрлена, бидејќи е неоснована, но сето ова е показател на менталниот склоп на поединци – појаснува Данов.

 

Додава дека се изнаслушал на разни шпекулации, на приказни кои немаат допирна точка со вистината, дека излегувал да вози велосипед, па дури и дека на раце го однеле во болничко комбе.

-Вирусот не смее да биде табу тема! Секој од нас може да се инфицира, па затоа веднаш по добивањето на позитивниот резултат јас ја информирав јавноста. Не гледам причина тоа да се крие, Ковид-19 е реалност и може секому да се случи. Во целата оваа ситуација, кога примитивизмот на многу лица излезе на површина, добро е што увидов дека имам и многу добри луѓе околу мене. Голем број на пријатели редовно се јавуваат, мене и на семејството ни понудија помош без размислување, не снабдуваат со потребните намирници. Најодговорно со семејството ја почитуваме изолацијата, а на оние „загрижените” би им порачал дека ќе ме видат надвор помеѓу луѓе, ама дури откако ќе имам два негативни тестови. И во добро и во лошо, важно е да останеме луѓе – изјави новинарот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости