Комисијата за заразни болести со конечен предлог за учебната година, Владата ќе носи одлука

by Fokus

По заклучокот од седницата на Владата во вторникот Планот на МОН за учебната 2020/2021 да биде споделен со Комисијата за заразни болести и таа да го даде мислењето за моделот на настава, Комисијата вчера на состанок донесе конечен предлог кој сега ќе треба да биде разгледан од Владата и таа да ја донесе одлуката како ќе работат училиштата од 1 септември.

Предлогот е учебната година да почне онлајн, со два исклучока – првиот е за учениците од прво до трето одделение, за кои се предлага да ја следат наставата со физичко присуство, земајќи го предвид социоемоционалниот аспект и нивната возраст, а вториот исклучок се училиштата со мал број ученици по паралелки – наставата да ја организираат со присуство во училниците ако тоа го дозволува епидемиолошката состојба.

Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска претпладнево за МИА изјави дека Координативниот кризен штаб од МОН побарал да ги приспособи протоколите за моделите на настава врз основа на предлогот на Комисијата и да достави податоци колку се на број училиштата со помал број ученици кои би организирале настава со физичко присуство, во кои општини се наоѓаат, нивните просторни услови итн. Наумовска рече дека работните групи на МОН се во комуникација со Штабот и откако протоколите ќе се усогласат со предлогот од Комисијата, тој ќе биде ставен на дневен ред на седница на Владата, веројатно идната недела.

Министерот Арбер Адеми, кој е на ставот дека училиштата треба да бидат отворени секаде каде што состојбата со вирусот е стабилна, смета дека предлогот на Комисијата за заразни болести е компромис на две различни гледишта – ставот на МОН за физичко присуство и ставот на здравствените авторитети – онлајн-настава. Според него, предлогот на Комисијата е добра насока за изнаоѓање најсоодветен модел за настава.

Поврзани новости