Членови на администрацијата и блиски соработници на американскиот претседател Доналд Трамп поднесоа оставки или најавија оставки денеска, ден откако приврзаниците на Трамп упаднаа во зградата на Конгресот, а неговиот министер за внатрешна безбедност побара да го осуди насилството на неговите приврзаници.
Рајан Тули, главен советник на претседателот Доналд Трамп за односи со Русија, поднесе оставка денеска и се очекува повеќе членови на Советот за национална безбедност да поднесат оставка, изјави висок претставник на американската администрација.
Официјалниот претставник, кој побара да не биде именуван, исто така рече дека ветувањето на Трамп за „мирен трансфер на власта“ на новоизбраниот претседател Џо Бајден на 20 јануари делумно има за цел да запре повеќе оставки, но веројатно нема да спречи заминување на некои официјални лица.
Вршителот на должноста секретар за внатрешна безбедност, Чад Волф, денеска повика Трамп да го осуди насилството на неговите приврзаници кои се обидоа да спречат потврда на изборната победа на Бајден во Конгресот.
-Видовме дека некои приврзаници на претседателот се обидуваат да ги постигнат своите политички цели со насилство. Ова е неприфатливо. Овие акти на насилство се неодбранливи и барам од претседателот и од сите избрани службеници силно да го осудат насилството што се случи вчера, нагласи Волф во изјавата, додавајќи дека не поднесува оставка.
Стефани Гришам, шеф на канцеларијата на „првата дама“ Мелани Трамп и поранешен секретар на Белата куќа за односи со медиумите, поднесе оставка вчера попладне по немирите.