Иван Жданов и Леонид Волков, двајца од најблиските соработници на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, се ставени на руската листа на „екстремисти и терористи“.
Нивните имиња денеска се појавија во регистарот на Росфинмониторинг, на исто ниво со десничарските националистички групи и странските терористички организации како што се талибанците и милитантната група Исламска држава.
Според рускиот закон, банкарските сметки на лицата кои се додадени на списокот мора веднаш да се замрзнат.
Волков, 41-годишен поранешен координатор на сега веќе непостоечката мрежа на тимови на Навални низ Русија, како и Жданов, поранешен шеф на Антикорупциската фондација на Навални, ја напуштија земјата минатата година и моментално престојуваат во странство.
Русија минатата година објави дека ги ставила двајцата активисти на меѓународна потерница.
Инаку, Навални е во затвор од февруари минатата година, откако беше уапсен еден месец пред враќањето во Русија од Германија, каде што беше на третман по речиси смртоносното труење со нервниот агенс Новичок, за кој вели дека било наредено од рускиот претседател Владимир Путин.