Нашиот евровизиски претставник Васил Гарванлиев заедно членовите на делегацијата, во Ротердам, Холандија се подготвува за утрешниот настап на првата полуфинална вечер на Евросонг.
Неговите проби поминаа во најдобар ред, а на свеченото отворање на настанот, тој се појави во креација на Раде Василев & Tip Top. Она што го привлече вниманието на присутните беше круната која ја носеше Гарванлиев, изработена од огледала. Тој носеше круна и во 2019 година, кога беше придружен вокал на Тамара Тодевска, а овојпат истата беше надградена со огледалата.
-Ќе те скршат на стотици мали парчиња, а ти земи го секое парче и залепи го со љубов, направи си круна и носи ја со гордост! –напиша музичарот на својата официјална страница, под фотографиите од настанот.
Расел Дејвис пак, кој е долгогодишен волонтерски соработник на македонската евровизиска делегација, објави фотографија од хотелската соба на Васил. На неа се гледа свилената постелнина со македонското знаме со која е покриен креветот, а во описот на фотографијата покрај објавеното македонско знаме, Дејвис пишува – Спалната соба на Васил во Ротердам. Убави соништа.
Утре Гарванлиев настапува шести по ред со песната ,,Here I stand” за која самиот ги напиша текстот и музиката. Минатата недела за ,,Фокус” изјави дека добива многу позитивни реакции и сака да остане смирен и фокусиран, со цел да ја претстави Македонија како што знае дека умее, во најдобро светло.
Вики Клинчарова