Сопствениците на поголем дел од земјиштето во Расадник реагираат на денешниот протест на опозициската партија која побара итно да се повлече предлог ДУП-от за Расадник бидејќи предвидува изградба на 120 згради.
По протестот, сопствениците на земјиштето излегоа со реакција и побараа од ВМРО-ДПМНЕ да им се извини за тоа што ги нарекле „Урбана мафија“. Објаснуваат дека десет години плаќат данок за градежно земјиште и дека сега конечно со ДУП-от може да го користат земјиштето.
-Како сопственици на поголем дел од земјиштето во Расадник сакаме да го осудиме денешниот протест организиран од ВМРО-ДПМНЕ. Ние и нашите семејства со генерации сме жители на општина Кисела Вода. Иако со Законот за денационализација мислевме дека ќе се исправи една неправда, тука почнува и нашата голгота. Преку десет години плаќаме данок за градежно земјиште. Преку десет години ние ја исполнуваме нашата граѓанска обврска за земјиште кое не може да го користиме. Со носењето на ДУП за градски четврт Ј14 ние и официјално ќе може да го користиме земјиштето. Ниту сме дел од некаква урбана мафија, ниту имаме било какви удели во носењето на ДУП за Расадник. Бараме извинување за наведените клевети и ангажирање за побрзо носење на ДУП-от. Во спротивно преку судски постапки ќе бараме враќање на сите уплатени средства на данок на имот се до конечно решение на нашиот проблем, велат сопствениците.
ВМРО-ДПМНЕ на протестот обвини дека со овој план се предвидува градење на 120 згради од кои најголемиот дел се тринаесеткатници и не се предвидува никаква зелена површина. Велат дека со овој план во целост ќе се закочи функционирањето на овој дел од градот.