Македонскиот бизнисмен Кирил Лазаров, основач и сопственик на Националната агенција за обезбедување на лица и имот (НИКОБ) ќе ја предводи Македонско – бугарската стопанска комора во следните две години.
На денешното редовно годишно изборно собрание на Македонско – бугарската стопанска комора (МБСК) Лазаров беше избран за нов претседател на Комората.
Во своето обраќање пред учесниците на собранието, Лазаров ја потенцираше потребата за континуиран стратешки развој на Комората, со цел нејзино посилно етаблирање како фактор во развојот на економските релации помеѓу двете држави.
– Како цел на мојата работа, инспириран од основното мото “Бизнис без граници“, напредокот на Комората го гледам токму во континуитетот и продлабочувањето на односите помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, на сите можни полиња, рече Лазаров.
Тој посочи дека потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија за бизнисмените претставува дополнителен мотив за развој и подобрување на бизнис климата помеѓу двете држави, а воедно и темел за понатамошниот стратешки развој на Македонско – бугарската стопанска комора.
– Верувам дека со посветена работа, истрајност и ангажман, Македонско – бугарската стопанска комора ќе расте и ќе се развива во посакуваниот правец: столб и еден од главните чинители на процесите околу подигнувањето на соработката помеѓу двете држави, од секаков аспект, изјави Лазаров.
На овогодинешното собрание на МБСК присуствуваа и премиерот Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања и координација со економски ресори Кочо Анѓушев, министерот без ресорс задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија Зоран Шапуриќ, како и амбасадорите Иван Петков и Марјан Ѓорчев.
Како дел од редовните активности во рамки на редовното годишно изборно Собрание, беа разгледани досегашните реализирани активности на Македонско – бугарската комора, беше утврдена Програмата за работа на Комората за период од една година и беа избрани членови на Управниот и Надзорниот одбор на МБСК.
Во рамки на собранието, новиот претседател на Комората Кирил Лазаров му додели признание за Почесен претседател на Зоре Темелковски за особениот личен придонес и залагање за Комората.