ДУИ денеска ги објави новоизбраните претседатели на ограноци по внатрепартиските непосредни избори, за кои големи забелешки имаа од „Огнената група“.
Едно од имињата кое паѓа во очи е Ељдин Адеми (или Елдин при буквална транскрипција од албански јазик), кој стана шеф на огранокот на ДУИ во Јегуновце. Името и презимето се поклопува со еден од сопствениците на холдингот „Еуровиа“, чија фирма-ќерка го доби тендерот за изградба на полициската станица во Аеродром во вредност од два милиони евра, за кој „Фокус“ пишуваше.
Другиот сопственик на „Еуровиа“ и нејзин управител е Ељмедин Адеми како физичко лице и донирал 2.509.200 денари на ДУИ, што е речиси три пати над законскиот лимит за донација од физичко лице. По пишувањата на „Фокус“, Државната комисија за спречување корупција отвори предмет за овој случај.
Правното лице „Еуровиа“ пак, чиј косопственик Ељдин сега стана прв човек на огранокот на ДУИ во Јегуновце, донирало 1.845.000 денари, што е најголема донација од правно лице за 2022 година.
Во рамки на оваа групација, чии сопственици се Ељмедин и Ељдин Адеми, функционираат: „Еуровиа ДООЕЛ“, „Еуровиа ДМД“ „Еуровиа Аграр“, „Трибека“ и „Скрин-Медиа“.
Првата фирма на листата, онаа за градежништво „Еуровиа ДООЕЛ“ во мај го доби тендерот за изградба на нов објект на полициската станица Аеродром. На тендерот учествувале вкупно 12 економски оператори од кои 5 биле елиминирани во текот на постапката, односно во фазата на евалуација, и не стигнале до електронска аукцијата.
Причините поради кои петте фирми биле елиминирани од постапката, биле тоа што во финансиската понуда немале пополнето полиња на единечна цена, односно некои немале само единечна цена, други и единечна и вкупна и цена со ДДВ. Еден економски оператор, пак, како што велат од МВР, немал документи за подизведувачите.
Од Еуровиа за „Фокус“ тогаш изјавија дека правото на поддршка и донација за политичка партија е нивно демократско право.
Без разлика на поддршката МОРАЛНА или ДОНАТОРСКА која ние сме подготвени да ја дадеме кон некој политички субјект чии идеали ги почитуваме, во тек на учество при тендерски постапки, таа подршка не може да се позиционира над Закон за јавни набавки чиви прописи секој Договорен орган – Државна институција строго ги почитува“.
К.С.Б.