Сопружници со палка ја нападнале сосетката за да и го украдат златното ланче

by Фокус

Сопружници од Гевгелија се обвинети дека нападнале своја комшика со цел да ѝ го украдат вредниот накит.

Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе наредба за спроведување истражна постапка против двајцата сопружници, осомничени дека го сториле кривичното дело разбојништво.

Како што објави Јавното обвинителство, мажот направил план заедно со сопругата на сила да одземат златни предмети од нивната 72-годишна сосетка, која често ја посетувале и знаеле каков накит носи.

На 31 октомври осомничената жена ја повикала жртвата да дојде кај нив на вечера. Откако таа се јавила дека тргнува, осомничениот на својата сопруга ѝ дал капа и марама за да се маскира, како и дрвена палка.

Оштетената била пресретната во близина на нивниот дом, каде што маскираната жена ја фатила за вратот, ја соборила на земја и ѝ го одзела златното ланче вредно 60.000 денари, по што побегнала. Украдениот накит го закопале во дворот од нивната куќа.

„Бидејќи постојат околности кои укажуваат дека осомничените би можеле да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци и оштетената или да го повторат делото, јавниот обвинител достави предлог до судијата на претходна постапка од Основниот суд Гевгелија за определување мерка притвор за осомничениот, како и мерка куќен притвор за осомничената. Судот го прифати предлогот и ги определи бараните мерки“, соопшти ЈO.

Поврзани новости