По професија сум дипломиран машински инженер, со мојата диплома работев и во Германија, а веќе две години сум наставник во основно училиште во Неготино и предавам во околните села.
Мојата сопруга, која беше вчера првидена во полиција работи како наставничка околу 20 години. Случајот со приведувањето и образложенијата дека таа психички ги малтертирала учениците е главна тема во Неготино, но и пошироко, па би сакал да појаснам за јавноста која е позадината – за „Фокус“ раскажува М.С., видно вознемирен од настанот.
Како што појаснува, и тој и сопругата биле под постојани притисоци, а таа на почетокот на годината користела еден месец боледување и и била поставена дијагноза, која тој вели дека не би ја откривал во јавност, но не крие дека станува збор за нарушено здравје поради стресни ситуации поврзани со работата.
-Во последните неколку дена, односно од петокот, па до вчера, беше очигледно дека мојата сопруга падна во депресија. Плачеше, се жалеше дека е сама, дека никој не ја разбира. Истото однесување, колку што сега знам, го имала и на училиште, па поради тоа и ги вознемирила учениците и нивните родители.
Но, наместо мене да ме контактираат, да ја пратат на боледување, па да бараме здравствена помош, се случи да ни дојде полиција дома, и тоа вчера, кога дома имавме слава Свети Димитрија, кога масата ни беше поставена… Многу немили сцени – вели наставникот.
Раскажува дека сопругата го однела во маркет да испазари пред да дојдат гостите, а таа заминала дома. Додека бил во маркет му се јавиле од полиција и му кажале дека мора да разговараат со него.
-Ги замолив од полиција да не доаѓаат по мене во маркетот, да не гледа народ, и веднаш заминав во станицата која е во близина на маркетот. Не знаев зошто ме викнаа, ме распрашуваа за однесувањето на сопругата, им појаснив дека таа има здравствено нарушување и е депресивна последниот период. Не ми кажаа ништо, си заминав дома, не ја најдов сопругата.
По кратко време полицијата ја донесе дома, и рекоа да си земе основни работи и ми кажаа дека ќе ја носат на лекување во Негорци. Што можев да направам? Ѕвонев кај роднините на сопругата кои се од тој крај, дури денес дознавме дека таа ќе остане на лекување колку што е потребно, од една недела, па можеби и до еден месец, додека не и биде подобро.
Се прашувам зошто никој не ми кажа мене доколку таа имала промени во однесувањето на работа, зошто не ја испратија на боледување, на систематски преглед, да се утврди што е, па да се бара решение, туку на ваков начин. Денес кога излегов надвор, луѓето ме гледаат како да сум воен злосторник, не знаат дека всушност таа беше приведена оти има нарушена здравствена состојба, се шират разни шпекулации – тврди наставникот.
За сопругата појаснува дека во минатото била и наградувана за својата работа, била добра мајка и сопруга, но ете се случило да западне во тешка состојба.
-Како просветен работник можам да ви кажам дека наставниците денес се како декор во училниците додека им се случуваат инциденти помеѓу учениците! Не смееме да повишиме тон, мора со убаво да разговараме, да појаснуваме од една страна, од друга страна имаме ученици кои на среде час знаат да маваат со ученички прибор, да навредуваат соученици, да се закачат, и ние мораме смирено да најдеме начин да смириме ситуација.
Ми се случи да посведочам на тепачка помеѓу ученици, не ме слушаат кога им кажувам веднаш да престанат, па не знаејќи како да ги разделам, го гушнав и го кренав едниот ученик. Ете, со такви ситуации се соочуваме секојдневно, слушаме како деца се потценуваат и дискриминираат кој на кого е, имаме родители кои ни доаѓаат да се расправаат за оценки, и да ви кажам дека воопшто не лесно.
Посебно пак во рурални средини, повозрасни деца чуваат помали, не доаѓаат на училиште, родители се расправаат со наставници и очекуваат да им дадеме добри оценки иако не се заслужени. Сите тие ситуации се доста стресни, ни се насобраа многу работи и ете се случи овој настан со сопругата – раскажува М.С.
Вели дека не знае што ќе се случува со сопругата откако ќе се врати од лекување, дали ќе продолжи со работа, но најважно му било нејзиното здравје да биде како што треба.
-Таа не е злосторник, никому намерно не би му наштетила, не би повредила никого. Разбирам дека ученици и родители се вознемириле поради нејзината депресија и можеби целиот настан можеше да се реши на друг, подискретен начин, а не вака со полиција на врата. Но, тоа е завршена тема сега.
Сакам да им посочам и на родителите, дека нивните деца мора да покажат почит кон наставникот, оти тоа е за општо добро, дека не смее наставниот кадар да нема право на глас, додека ученици се однесуваат недолично среде час. Тоа што се случува последните години во училиштата мора да се промени. И овде навлегоа партиите, при секоја промена на власта наставници стравуваат за работни места, оние од спротивен табор се праќаат да предаваат во селата, други се унапредуваат, па и помеѓу учениците владее тоа однесување, кој на кого е, кој што и колку има, чиј родител на која функција е, кој од каде дошол.
Сето тоа придонесува и наставниците да бидат под постојан стрес, јас лично имав ситуации кога родители ми се заканувале со невладини организации, додека напорно сум се трудел да им ги изведам децата на прав пат.
Ги гледаш како среде школски одмор се задеваат, се навредуваат, се обидуваш со убаво да им појасниш дека еден ден ќе бидат возрасни, како ќе се погледнат, можеби некогаш и на иста маса ќе треба да седнат, но знаат дека наставникот е немоќен, не смее да повиши тон, не смее да ги допре, па земаат уште повеќе сила.
Во некои одделенија имам ученици со посебни потреби, ако тропнам на катедра или ако зборувам погласно тие ќе се вознемират, па оние непослушните го знаат тоа и се силат уште повеќе, немаат никаков обзир за соучениците.
Значи, децата се учат на почит кон наставникот од дома, кога гледаат дека родители ги критикуваат наставниците, не може да се очекува учениците да се однесуваат како што доликува. За среќа, имаме и такви ученици, кои знаат да го ценат трудот на наставникот и од кои добиваме почит-појаснува.
За крај, додава дека цело општество мора да се потруди да се направат позитивни промени во образованието. Најважно е, вели, политиката да се тргне од школството, да се врати авторитетот кој некогаш го имаа наставниците, а на младите да им се всадат вистинските заборавени вредности. За сопругата, вели дека се надева како наскоро ќе го надмине здравствениот проблем, опишувајќи ја како добра наставничка која минувала низ тежок период.
Вики Клинчарова