Сопругата на Зоран Верушевски, Соња и функционерот од Струмица Бранко Палифров осомничени во полициската акција „Пуч“ добиле мерка притвор од 30 дена, додека на четвртоосомничениот, лидерот на СДСМ, Зоран Заев изречена му е мерка за претпазливост, одземање на пасошот. Тој треба еднаш неделно да се пријавува во струмичкиот суд.
Според информации од МВР, првоосомничениот Верушевски се товари за шпионажа и помагање на насилство врз државни функционери. Од полицијата тврдат дека во периодот од 2012 до денес прибавувал тајни податоци поврзани со работењето на државните органи во Македонија во форма на документи, фотографии, имиња на лица и други податоци кои се однесуваат на општествено-политичките, економските и безбедносните состојби во земјава, со намера да ги соопшти или предаде на странска држава.