Вчерашната „Шпионска“ афера бомбастично лансирана лично од Груевски, а насочена директно кон Заев, ми создаде многу недоумици. Не сум правник, уште помалку кривичар, не сум криминалист, виктимолог, разузнавач или политиколог, ама мислам дека сум пристоен логичар, кого сеуште го држи здравиот разум. Она што ни го сервираше Груевски на еден нервозно-конфузно-драматичен начин на брејкинг њуз прес-конференција, а што подоцна го дообјасни министерката за внатрешни работи, ми отвори неколку прашања. Правилно поставеното прашање е дел од точниот одговор. Затоа, со студентите заедно ги формулираме прашањата за тестови.
Прво, тоа е зборот „пуч“, кој има германско потекло (исто како и штрајкбехер) и значи преврат или државен удар, односно насилно преземање на власта. Низ историјата тоа го главно го правеле армии и нивните команданти (Франко во Шпанија, Батиста на Куба, Гадафи во Либија, Пиноче во Чиле, или Мушараф во Пакистан). Заев е обвинет за обид за предизвикување пуч, затоа што го уценил Груевски дека ќе објави компромитирачки материјали за него, доколку не формира техничка влада, која треба да закаже предвремени парламентарни избори. Моето прашање е – откога тоа барањето за формирање техничка влада, макар искажано и во форма на класична уцена, се третира како обид за државен удар?
Второ, не ми е јасно што подразбира Груевски под „македонче“, а што под „Македонец“. Според мене, вистинскиот патриот, односно Македонец, веднаш реагира на било какви видови на загрозување на неговата земја, а не чека погоден момент за тоа. Реакцијата на Груевски три месеци по уцената на Заев, мене повеќе ми личи на калкулантство. Повеќе од очигледно е дека се работи за конјунктурноста на моментот кој е избран за јавно обраќање. Мојата дилема е како Груевски се доживува самиот себе: како Македонец или како македонче?
Трето, тоа е повикувањето на судот како инстанца за давање изјави. Да, добро слушнав и неколку пати ја преслушав изјавата на Груевски дека на суд ќе одговорел на сите прашања и обвинувања. Мојата дилема гласи: дали судот го избрал и го поставил Груевски на функцијата премиер? Колку што јас лаички се разбирам во парламентарна демократија, тој е избран од граѓаните и токму ним им го должи објаснувањето што треба да го даде како одговор на обвинувањата. Кои патем, сеуште не се ни обелоденети. Груевски е политичар и јавна личност, а не судски сведок.
Четврто, конфузијата во изјавите на премиерот и министерката за внатрешни работи. Првиот зборуваше дека од Заев бил уценет врз основа на некакви снимени разговори добиени од странски разузнавачки служби, кои, како што рече, дел биле вистинити, дел полувистинити и дел невистинити. Веднаш по него, шефицата на македонската полиција, во ТВ изјава прикажуваше за шпионските активности на Верушевски и документите пронајдени во неговиот компјутер, како и за неговите блиски врски со лидерот на опозицијата. Кој овде лаже? Внимавајте, според Груевски, во игра е странска разузнавачка служба која ги следи и ги снима комуникациите на највисоките македонски државни функционери и истите му ги дава на опозицискиот лидер. И тоа беше црвеното знамеце во подтекстот Македонец vs. македонче кое требаше да ги крене на нозе патриотите. Тоа беше повикот на линч.
Петто, мешањето на кривичната и политичката одговорност. Колку што знам, првата ја одредува судот со соодветна постапка која завршува со правосилна пресуда. Ввтората ја одредува совеста на функционерот и завршува со оставка. Од политички аспект, не ми е јасно каква врска има фактот што евентуалните докази за злоупотреба на власта се прибрани на нелегален начин. Прашањето е само едно – дали тие докази се точни или не, односно дали имало или немало злоупотреба на власта.
Шесто, тоа е загриженоста на Заев за Македонија. Ако тој имал докази за злоупотреби на власта, зошто калкулирал со нив уценувајќи го Груевски да формира техничка влада? Ако бил загрижен за Македонија, зошто тогаш како секој чесен граѓанин не излегол пред јавноста и не ги обелоденил? Зошто чекаше до вчерашната прес-конференција на Груевски за да соопшти дека дури сега ќе ги објави доказите, со кои, патем речено, целата нација ја тормози повеќе од шест месеци?
Седмата дилема, која ми е најважна, се однесува на првите петли. Имено, вчерашната шпионска афера во режија на Груевски и Заев, не само што ќе предизвика натамошни поделби и тензии во Македонија, туку, пред сѐ, на неопределено време ќе го преокупира народот со нејзините пикантерии. Ќе го сврти вниманието од „првите петли“ на граѓанскиот отпор во Македонија, а тоа се студентските протести, кои предизвикаа тектонски промени во нашето досегашно поимање на граѓанските права и слободи. Прашањето е – дали најновите меѓупартиски „бомби“ не беа насочени кон стивнување и елеминирање на граѓанската непослушност предводена од студентскиот отпор. Ако беа, јас немам дилема. Нема да успеат.
Се надевам дека сите имаме здрав разум.
Гордана Пописмонова, универзитетски професор