За помалку од три години, откако со сопругата Даниела се преселивме во Америка, ние видовме што значи тоа соништата да ти се остваруваат. Тоа што над десет години се обидував да го остварам во Македонија, овде се случи преку ноќ – за ,,Фокус” раскажува Александар Петров, своевремено познат во јавноста како Вукац МЦ, скромно момче од Неготино, кое се обидуваше во земјава да направи рап кариера.
Неговата прва песна беше промовирана во 2008 година, кога како што вели, од петни жили се трудел да стане препознатливо име на рап сцената во земјава. Потоа, во годините кои што следувале снимил уште десет песни, но сфатил дека без финансиска помош и поддршка тешко може да успее на естрадата, по што се повлекол. Денес, тој во Америка веќе станува популарен лик, бидејќи е еден од финалистите во познатото и гледано музичко шоу Ливит, има свој менаџерски тим, а започнал и со редовни настапи.
-Се започна кога мојата сопруга Даниела аплицирала на Лотаријата за зелена карта за САД. Таа беше избрана во програмата која овозможува легален постојан престој во Америка, беше тоа големо изненадување со кое започна нашето патешествие во подобар живот. На 4-ти јуни, на Денот на независноста на САД, во 2018 година ние се преселивме во Чикаго, односно живееме во преубавото село Willobrook. Сопругата организираше се околу доаѓањето, овде бевме љубезно дочекани и јас започнав со работа како возач на камион. Но, за целото време, љубовта кон музиката не ме напушти, па решив и овде да се обидам да ја продолжам рап кариерата. Очигледно, вистинските личности ја препознаа мојата дарба, па за три месеци веќе станав препознатлив лик кога е рапот во прашање – раскажува Вукац.
Појаснува дека додека живеел во Неготино, со сопругата еден период работеле во голема странска фабрика, биле чесни луѓе кои сакале достоинствен живот, но сфатил дека со чесна работа, со две македонски плати, тешко можат да се остварат соништа, и како млад пар ќе им бидат потребни децении да заработат за свој дом, автомобил, да одат на летувања, или пак тој да вложува во музиката.
-Потекнувам од чесно и скромно семејство. Немав кој да застане позади мене во времето кога се трудев да успеам во музиката кај нас, морав се сам. Беше тешко, со горчина во душата решив да паузирам со музиката, но желбата, а и вербата дека еден ден ќе дојдат моите пет минути на ова поле, никогаш не ме оставија. Во Даниела била среќата, нашата голема љубов, слога и добрата мисла која секогаш не водеше, на некој начин беа наградени. Имаме убав живот овде, стекнавме нови пријателства, неодамна ја снимив новата песна ,,I step on the gas” во студиото ,,Моцарт” која ќе биде промовирана најдоцна за два месеци. Цел тим застана зад мене, вистина е кога се вели дека во Америка можат да се остварат големите соништа – вели Вукац.
Тој и неговата сопруга Даниела се венчале во 2016 година на локалитетот „Камени кукли“, во кратовското село Куклица, на манифестацијата ,,Шопска свадба” бидејќи невестата е по потекло од Кратово. Нивната свадба тогаш ја пренесоа голем број на медиуми, како голема туристичка атракција, на која присуствуваше полскиот амбасадор Јацек Мултановски, кој им беше кум.
-Од првиот момент кога се сретнавме со Даниела, знаев дека таа е вистинската и со неа ќе имам убав живот, исполнет со разбирање и љубов. Среќни сме и не планираме да доаѓаме наскоро во Македонија, бидејќи овде имам премногу обврски. Ми недостигаат блиските, ми недостига родното Неготино, но благодарен сум што добивме ваква шанса, која ни го промени животот од корен – ни изјави музичарот.
Вики Клинчарова