СОНК: Вработени во детски градинки и училишта во неколку општини не земале плата

by Fokus

Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија (СОНК) изразува голема загриженост во врска со неможноста на вработените во детските градинки, основите и средните училишта во неколку општини во државата, да го остварат своето законско право, да земат плата за месец декември 2017 година.

– Имено, заради причини од политички карактер, Советите на општините Чаир, Тетово, Теарце и Гостивар сеуште ја немаат завршено  законската процедура за усвојување на општинскиот  Буџет за 2018 година, со што се доведуваат до тотална финансиска блокада и се оневозможува повеќе илјади вработени од  дејностите што ги покрива СОНК да не можат да земат плата – се наведува во соопштението од СОНК.

СОНК укажува на сериозноста на ваквата ситуација и бара максимална одговорност од сите чинители, креатори на овој проблем, со цел што поитно да се надмине ваквата ситуација и да може да се исплатат платите во најкраток можен рок.

– Во спротивно, синдикалните организации на СОНК во кои нема исплатено декемвриска плата, изгледно е дека ќе донесат Одлуки со кои ќе применат и по радикални синдикални мерки во интерес на одбрана на правата загарантирани со Закон и Колективен договор – пишува понатаму во соопштението на СОНК.

Поврзани новости