И, покрај секојдневните притисоци и закани, дел од наставниците и професорите утре го почнуваат генералниот штрајк тврди за „Фокус“ синдикалниот лидер на СОНК, Јаким Неделков. Тој тврди дека нема да подлегнат на притисокот и се надева дека повеќето од членството ќе ја испочитуваат синдикалната одлука.
– Соогласно одлуката на Советот на СОНК, утре стапуваме во генерален штрајк сите установи од Детска заштита, основите и средните училишта, ученичките и студентските домови и установите од културата. Тоа значи дека утре сабајле, сите наставници ќе одат на своите работни места, но нема да ги одржуваат своите работни задачи. Очекуваме одлуката да ја испочитуваат поголемиот дел од нашите членови, а мал дел кои читаат соопштенија цела недела сигурно нема да излезат на штрајк – истакна Неделков.
Пред неколку месеци, Синдикатот имаше закажано генерален штрајк за 29 септември, но штрајкот беше откажан поради подадената рака од Министерството за образование, проблемите да се решаваат преку социјален и политички договор. По четири месеци залудни преговори, од ресорното министерство немаа слух за зголемување на платите и укинување на екстерното тестирање во делот со казните, па тоа беше причина повторно да се активира генералениот штрајк.