За условниот отпуст на Кежаровски ќе решава Кривичниот суд, кој минатата година донел 54 позитивни одлуки

by fokus

Педесетина осуденици минатата година добиле условен отпуст, односно од затвор излегле пред во целост да ја одлежат казната која ја добиле од надлежниот суд. Оваа законска можност ќе ја искористи и адвокатот Филип Медарски кој истакна дека условен отпуст ќе побара и за новинарот Томислав Кежаровски, кој во петокот вечерта експресно беше спроведен на издржување на преостанатата казна во затворот „Скопје“.

„Условен отпуст е предвремено отпуштање на осуденото лице од издржување на казната затвор. Осуденото лице кое се наоѓа на издржување казна во установата молбата за условен отпуст ја доставува преку управата на установата до судот што ја донел пресудата во прв степен кој одлучува за условниот отпуст“, се наведува Прирачникот за осудени лица, на Управата за извршување на санкции.

Условниот отпуст е регулиран со Кривичниот законик, во член 36.

„Условно може да се отпушти осуденикот кој издржал половина од казната затвор“, се наведува во став 2, во член 36.

Во случајот со новинарот Кежаровски, тој има одлежано над 90 процени од изречената казна, односно му останаа уште три месеци и осум дена, бидејќи 21 месец помина во притвор.

Молбата за условен отпуст, покрај адвокатот и самиот осуденик или негови роднини, може да ја поднесе и директорот на затворот. Одлуката за условен отпуст на новинарот Кежаровски, пак, треба да ја донесе Основниот суд Скопје 1.

„За условно отпуштање на осуденото лице одлучува судот што ја донел пресудата во прв степен во совет составен од тројца судии, кој одлучува надвор од главниот претрес“, член 201, од Законот за извршување санкции.

На решението за условен отпуст, право на жалба до повисокиот суд, во случајот Апелација, има и осуденото лице, но и обвинителството. Ваквата жалба се поднесува во рок од 8 дена.

Во прирачникот на Управата за извршување санкции се наведуваат и критериумите за предвременото отпуштање на осуденото лице пред истек на казната.

„1. осуденото лице од самиот почеток на издржување на казната да соработува и да го прифати процесот на ресоцијализација. 2. дисциплинирано и квалитетно да ги извршува поставените работни задачи во текот на работното ангажирање. 3. да има позитивен однос кон сите вработени во установата, а особено кон непосредниот воспитувач и инструктор. 4. да не ги злоупотребува дадените погодности во текот на издржување на казната“, се наведува во прирачникот.

Неодамна со условен отпуст од затвор предвреме излезе и поглаварот на ПОА, Јован Вранишковски.

 

Поврзани новости