Укинувањето на паричините казни за наставниците од екстерното тестирање сепак не е договорено меѓу СОНК и Министерството за образование, пренесува Плусинфо. Од синдикатот не можат со сигурност да кажат дали казните ќе бидат укинати или намалени. Тие инсистираат на целосно укинување, но ставот на Министерството е казните да останат, но да бидат намалени.
– Нашиот став е воопшто да нема казни за екстерното тестирање и интерното оценување, но тоа е процес кој треба да го договориме до 15 март. Во следните преговори се ќе зависи од тежината на аргументите, а нашите се јаки и цврсти. Сепак, од друга страна цврст е и ставот од Министерството. Така што, не зависи се од нас, туку и од другата страна, – вели претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Наставниците од основното училиште „Крсте Мисирков“ од Куманово преку писмо му се обратија на синдикалниот лидер дека за нив не е прифатливо само намалување на казните. Според нив, системот на награди и казни, заснован на екстерното тестирање е нелегитимен.
-Во однос на нашите барања кога го отпочнавме штрајкот, оваа спорна за нас одредба беше поставена како приоритетно барање на прво место и нашиот став по ова барање е јасен и недвосмислен: укинување на казните и наградите на наставниците поврзани со резултатите од екстерното тестирање, – велат наставниците од „Крсте Мисирков“.
Инаку, првата средба помеѓу СОНК и Министерството за образнование откако се прекина штрајкот, е закажана за вечерва. Од СОНК велат дека конкретни одлуки ќе бидат донесени до 15 март.