СОНК најавува штрајк: Неизвесен е почетокот на учебната година

by Fokus

Една недела пред почетокот на учебна 2019-2020 година, Синдикатот за образование (СОНК) се заканува со штрајк.

Наставниците се незадоволни од најавеното зголемување на платите од пет отсто. Претседателот на СОНК, Јаким Неделковски, ѝ дава рок на Владата од уште една недела и бара Синдикатот да биде активен учесник во креирањето на буџетот за образованието за 2020 година.

До 1 септември ќе преговараат, а ако нема договор наставниците и професорите на 2 септември, кога треба да почне новата учебна година, ќе стапат во предупредувачки штрајк.

Општа констатација е дека членството на СОНК од дејноста образование е апсолутно незадоволно од висината на зголемување на платите. За таа цел ние денеска разговаравме со министерот. Се надеваме дека ќе ги прифати забелешките – рече Неделков.

Министерот за образование и наука Арбр Адеми вели дека платите во образованието се зголемени за повеќе од 10 проценти и смета дека во буџетот за следната година ќе има дополнително покачување.

– Штрајк се организира кога нема решение. Ние нудиме решение. Кога ќе имаме јасни параметри за буџетот ќе објавиме ново покачување на платите. Досега имаме пораст на плата од по пет проценти во 2018 година и во 2019 година и ова е зголемување од над 10 отсто во однос на платите што ги добија наставниците во август минатата година – изјави Адеми.

Тој вели дека Министерството за образование е заинтересирано за квалитетен социјален дијалог со Синдикатот и со сите други вработени во образовниот сектор.

Поврзани новости