Од СОНК денеска остро реагираат на прилогот на „Сител“ телевизија со наслов „Каде завршуваат 72 милиони денари од членарината во СОНК?“ емитуван во попладневните вести вчера и најавуваат тужба против телевизијата, за да се докаже која ја кажува вистината. Од таму тврдат, дека целата содржина на наведениот прилог се лаги, чија цел е само да му наштетат на Синдикатот.
– Нивната цел преку овој прилог е многу јасна, ама ги прашуваме дали им се јасни и последиците? Раководството на СОНК, под целосна материјална, морална и кривична одговорност потврдува дека на жиро сметка на Советот на СОНК месечно и тоа повеќе години наназад, пристигаат по околу 800 илјади денари, или вкупно на годишно ниво нешто помалку од 10 милиони денари – се наведува во реакцијата од СОНК.
Од таму тврдат, дека овие средства се единствени приходи во СОНК, со што се покриваат сите трошоци за нормално функционирање над 30.000 членови.
– Тука се бруто платите на 6 вработени, кириите за просториите во кои е седиштето на СОНК ( во зграда која е во приватна сопственост) и сите останати трошоци кон членството, кон сите субјекти надлежни во државата, седници, семинари, работни средби на органите и телата на СОНК, протести, штрајкови, како и трошоци за меѓународната соработка , а во овој дел и членарината за Интернационалата за образование и Европската конфедерација на синдикатите за образование, која се плаќа околу 600 илјади денари на годишно ниво – се наведува понатаму во реакцијата.
Од СОНК најавуваат тужба против телевизијата.
– Сакаме да споменеме дека сите години наназад со завршната сметка СОНК искажува непотрошени средства, кои всушност се резултат на домаќинското работење и тоа е до денар прикажано во Финансискиот извештај, што е кажано во одговорот на СОНК до ТВ Сител. Коректно или не, од нас, ама и ние имаме и лично достоинство, јавно изјавуваме дека доколку се потврди износот што ТВ Сител јавно го пласираше во прилогот, ќе го донираме на нивната ж-ро сметка. Најавуваме судска постапка за да се докаже кој ја кажува вистината , СОНК или ТВ Сител – се вели во реакцијата од СОНК.