Кекеновски: Власта ги подели студентите, професорите, новинарите, уметниците, а сега и наставниците

by Фокус

Професорот Јове Кекеновски на својот фејсбук профил реагира за заменските наставници, кои министерството за образование ги ангажира во училиштата, со цел да се заменат наставниците кои штрајкуваат и да се минира генералниот штрајк на СОНК.

– Во општините каде градоначалниците се од ВМРО ДПМНЕ и онаму каде директори на училиштата се членови или симпатизери на партијата за оние наставници кои штрајкуваат се ангажираат заменски наставници. Меѓутоа, такво нешто немa во општините и училиштата каде градоначалници и директори се припадници на СДСМ, ДУИ и на други партии кои го поддржуваат штрајкот? Значи нема настава во основните и средните училишта во Куманово, Тетово, Гостивар, Струмица, Струга, Дебар, во училиштата во Липковскиот регон како и во повеќе училишта во Центар, Карпош, Кичево, Битола и во други рурални општини. Во овие училишта штрајкот продолжува и понатаму и покрај непримерените притисоци посебно врз македонските наставници. Во училиштата каде штрајкуваат албанците таму нема и не смее да има притисок од надвор – се наведува во реакцијата на Кекеновски.

Според него, ова јасно укажува дека има нарушена еднаквост на граѓаните пред законите, но и уште еден доказ дека неуставните, конфузните и контрадикторни решенија, импровизаците и незнаењето, кои во последно време земаа невиден замав, само повеќе ги продлабочуваат и мултиплицираат проблемите, не само во образованието, туку и во сите останати сфери на општеството.

– Втор проблем кој се јавува во врска со штрајкот на СОНК е прашањето на компетентност на заменските наставници?!. Спремни ли се директорите на училиштата и градоначалниците да понесат кривична одговорност, доколку ангажираат заменски наставници кои се несоодветни за предметите за кои се времено ангажирани?Свесни ли се министерот и заменик министерот за образование и наука дека доколку продолжи штрајкот ќе биде доведено во прашање спроведувањето на екстерното тестирање за кое тие толку ликуваа и велеа дека е успешен проект. Значи ли тоа дека онаму каде што тие контролираат ќе имаа екстерно тестирање, а во останатите училишта каде се штрајкува тоа нема да се спроведе? Каде не води сето ова?  – прашува Кекеновски.

П.С. Ги поделија студентите, професорите, работниците, уметниците, новинарите а сега и наставниците, средношколците и основците. Знаат ли сегашниве сопартијци дека последната буква (Е) од вториот дел од името нашата партија ВМРО ДПМНЕ, означува заложба за ЕДИНСТВО или тоа не ги интересира!?.

Поврзани новости