Ја известуваме целокупната македонска јавност дека сме зачудени од изјавата на Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во врска со неговото повикување на синдикатите во некаков народен фронт, кој ќе го формирал. Неговата изјава е невиден преседан во политичкото делување, не само во нашата држава, туку и пошироко во демократска Европа. Преседан, кој не се случил уште од времето на болшевизмот, реагираат од СОНК.
Оттаму до синдикатите порачуваат дека имаат своја област на делување, која не е партиска политика.
– Во изјавата на Претседателот на СДСМ, се направени тешки повреди на неколку закони. Со неговиот повик до наставниците и професорите да се вклучат во најавениот народен фронт, директно се крши со закон забранетото политичко делување на вработените во образованието во сите степени, се дополнува во соопштението.
Синдикатите од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија и синдикати од Сојузот на синдикати на Македонија, бараат Заев да се извини бидејќи според нив, упаднал во основите на демократското општество.