На повидок е огромен скандал за повторно трошење народни пари и нормално повторно во главна улога на кадри коишто раководат со институции, кадри на оваа Влада од СДСМ и ДУИ. Бесмислено е, сомнително е, чудно, без поента ќе се потрошат над 20 милиони денари од Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони и убеден сум дека во време на сред сериозна економска криза и катаклизма, многу е сомнително како се даваат преку тендер, над 20 милиони денари преку ТИРЗ, поточно 23.6 милиони денари со ДДВ, за јавна набавка насловена: „Мониторинг на договорите на државна помош”, изјави на денешната прес-конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој наведе дека согласно законот за контрола на која било државна помош што ја дава државата или институциите, надлежност за мониторинг има Комисија за заштита на конкуренција и тоа е уредено во член 24. Додека, пак, согласно законот за ТИРЗ, институцијата има надлежност согласно член 12 да води евиденција за доделената државна помош во име на давателот, односно давателите да подготви годишен извештај и да го достави до Комисијата за заштита од конкуренција еднаш годишно, најдоцна до 31 март. Онаа комисија којашто ја има надлежноста за мониторинг и контрола на државната помош којашто е давана од државата.
Арсовски истакна дека во ниту ниеден закон нема превидено дека вакви контроли можат да прават надворешни лица коишто сакаат да ги ангажираат на тендер раководството од ТИРЗ. Институции како ТИРЗ, како Комисија за заштита од конкуренција и останатите, Владата, министерствата коишто имаат стотици и стотици, можеби вкупно илјадници вработени, незаконски е и срамота е да ангажираат надворешна фирма за контрола на државната помош.
Тој јавно праша, дали фирмата којашто ќе биде ангажирана бидејќи сега тендерот е во фаза на евалуација согласно овој тендер е фирма блиска на некој начин до СДСМ и истата ќе треба да го мониторира она што го даваат како државна помош.
Ова лудило мора да прекине, а овој тендер мора да биде запрен и поништен. Овој тендер е тотално непотребен во овие институции. Огромна сума пари ќе биде потрошена под сомнителни околности, пари на граѓаните, не пари на Ковачевски, на директорот на ТИРЗ, или на Владата, не, туку пари на граѓаните, изјави Арсовски.