После ’63-та, Скопје повторно доживеа да биде место за солидарност. Граѓаните од Скопје и Македонија масовно одговорија на повикот за солидарност на Студентскиот Пленум, масовно затоа што нивните барања се логични, праведни, искрени и сосема нормални. Солидарни беа и во Тетово, Битола, Прилеп. За глупоста со предлогот на владата за екстерното тестирање напишавме многу, затоа тема треба да биде солидарноста.
Солидарноста и сплотеноста за да не се молчи пред глупоста, да не се наведнуваме и покоруваме пред лажни авторитети. Да не се плашиме од луѓе со купени дипломи и просек на долна граница. Солидарност за да се зборува гласно, а не да се молчи. Затоа што идиотскиот правилник од Министерството за здравство, каде се тера бремена жена да го чуе отчукувањето на срцето, а потоа да одлучи дали ќе абортира не е работа за која треба да протестираат и зборуваат гласно само бремените жени. Солидарност ни треба од сите и за бескрајните истраги кои ниту почнуваат, ниту завршуваат за вандализмот кон ЛГБТ популацијата. Солидарност ни треба и со стечајците без разлика колку се на број кога протестираат. Убеден сум дека само солидарноста може да ја намали загаденоста во Скопје, Битола и Тетово, ПМ10 честитките не бираат по партиска или верска припадност.
Солидарност ни треба гласно да прашаме кој ни ја гранатираше нашата влада. Фасадата не е, ама таа влада е на нашата земја. Солидарност ни треба за сите заедно со прст да покажеме во анализата на Државниот завод за статистика која тврди дека сиромаштијата во Македонија расте. А тука ниту сме солидарни, ниту се бориме да ги поправиме работите. Не сме успешни затоа што играме по нотите на власта. Власта ќе фрли во гладијаторската арена тема, на пример новиот грб, и сиромаштијата, економскиот живот паѓа во заборав. Повеќе се зборува за устата на лавот, а никако и за илјадници детски гладни усти што чекаат нивните родители со 60 денари дневно да донесат храна дома. Затоа и бомбастичната реторика треба побрзо да нѐ врати на социјалната бомба, понуда за справување со задолжувањата, пропаста на странските инвестиции, непродуктивниот буџет и галопирачката сиромаштија. На маршот граѓаните имаа толку многу да кажат. Во недостиг на успеси, владата ни го понуди грбот, очигледно образот не ѝ е баш за фалење.
Денеска, пак, власта исто така солидарно од своја страна, реши да бележи. Не бележеше со жолта трака, туку со црвена кружница. Но, како бумеранг на владините медиуми им се врати заокружувањето на луѓето со црвена кружница (а не круг, заради екстерно да не ме оцени некој). Секое заокружување мотивираше нова солидарност од колешките и колегите, секое тресење од ракав дека во Америка или Англија има државен испит мотивираше плус солидарност од професорите, секое навредување дека некој со конец ги води младите мотивираше плус солидарност од родителите. При тоа, за повеќето од оние што протестираа, некои личности ништо не им значат, ниту ги мотивираше да дојдат, ниту пак заради нив следниот пат ќе седат дома. Иако, според нивната реторика, денес владините медиуми кикснаа во заокружувањето.
На пример, даваат слика со илјада лица и само две црвени кружници. Толку не можеа да заокружат повеќе? Или масовноста им ги пресуши фломастерите, а богами и усните на некои. Премиерот како и обично кога има ваков настан не беше во државата, наводно отишол на некој бизнис форум. Бидејќи од владините медиуми ќе остане неинформиран, го замолувам следниот пат да биде маж како што би рекол тој пред 100 плавуши на бина, да излезе на тераса од барокната фасада на владата и да ја погледне студентската раса. Па, со свои очи да види колку луѓе се солидаризираат со желбата за квалитетни и неизбрзани реформи во образованието. Зошто пред дваесет и кусур години еден друг Никола, прво мислеше дека надвор се собираат луѓе да му дадат поддршка, па потоа веруваше на тие околу него дека се само 3000. После беше доцна да сфати “кој пукаше на 21?”
Денес, солидарноста се покажа и во мултиетничноста. На тој начин, прво се удри шамар на веќе видениот трик за наводно нападнати полициски станици баш во Тетово и Куманово и баш вечерта пред протестот на студентите и средношколците, и второ се упати јасна порака дека заедно ќе ја градат иднината на Македонија. И оваа солидарност меѓу студентите не смее да се сведе и остане само на борба против екстерното оценување. Солидарноста мора да се демонстрира и во борбата против мувлата во студенстките домови, против изведување на настава во фабричка менза, против факултети за информатика без компјутери.
Сепак со Студентскиот Пленум има една тема за која би полемизирал, а тоа е генерализирањето на непотизмот. Бидејќи се борат за квалитет во образованието, мора да направат разлика и да не ги ставаат во куп сите заради нивното презиме. Камо среќа Електро да задржеше неколку такви “деца на некој”, а не да предаваат денес на универзитетите во Америка, Германија, Швајцарија. Нив не им треба бирократско екстерно од квази политичари, нив ги оценила фелата. Исто како што и Дени Илиев екстерно го оцениле тие што го измислија фудбалот и го прогласија за најдобар млад голман во Англија.
Познавајќи ја политиката на владата, таа ќе го возврати ударот. Започна веднаш, го повика во станица дечкото кој го управуваше дронот од каде се гледа вистинската бројка на луѓе. Како и секогаш на владата им е битна формата, не смеело да се слика фасадата, не е битно што има внатре. Можеби за тие што ја гранатираа владата ќе почекаме, ама дечкото одма го најдоа. Солидарни треба да бидеме и во одбрана на притисоците кон младите луѓе. Не верувам и дека владата (читај Груевски) ќе се повлече, а тоа треба да ја прошири и зацврсти солидарноста кон студентите, пред се од професорите и родителите.
Кога веруваш во себе, во исправноста на ставовите, кога илјадници луѓе се солидаризираат со младешкиот непокор, тогаш твојот глас не може да го спречи ни партиско технички пречки на мобилните мрежи, блокирањето на социјалните мрежи, а најмалку катанците на школите.