Филип Трајковски, од средношколскиот сојуз, матурант и претседател на ученичкиот парламент во гимназијата „Гоце Делчев“, за Утрински брифинг вели дека не е толку проблемот во бројот на предмети, туку тоа што не се слуша мислењето на младите.
„Мене не ми е проблем да полагам четири предмети, но има примери што имаат навистина многу потешкотии. Министерката постојано го потенцира тоа критичко мислење кај младите кое сака да го развие и слуша. Епа ова е тоа критичко мислење и ова се младите кога сакаат и бараат некоја промена. Кога конечно го има тоа ќе видиме колку ќе го прифати“, додаде тој.
Трајковски порача дека бојкотот на наставата ќе продолжи се додека министерството не попушти.
„Во Куманово од денеска скоро сите училишта се приклучени. Кај наставниците има поделени мислење, но мислам дека имаме поголема поддршка. Не е толку многу за кратењето на предметите, туку за слушање на младите. Бојкотот ќе продолжи дури не се оствари успешна средба, засега Сојузот и министерката се на различни ставови, ќе продолжиме додека не попушти. Ова не е само став на Унијата туку на голем дел од средношколците“, вели Трајковски.