Живот како на филм: Мира и пишуваше писма на починатата мајка, ја осудија поради љубов

by Fokus

Мира Фурлан, актерката која беше синоним за женска убавина и секс симбол во поранешна Југославија, додека владееше на филмското платно, починала во средата, на 20-ти јануари во својата 65-та година. Веста денес одекна на Балканот, а според пишувањата во хрватските медиуми, актерката починала од вирусот на Западен Нил, откако пред неколку месеци и го пренел заразен комарец.

За животот на Фурлан денес пишуваат регионалните медиуми и се навраќаат на приказните кои останаа зад талентираната актерка, чија судбина ни помалку, ни повеќе, прилега на филм. Родена во Загреб, Хрватска во 1955 година, таа го доживеала првиот голем удар кога нејзината мајка починала од рак. Во тој период Мира имала само 16 години, а поради специфичниот однос кој го имала со мајка и, и поради честите расправии со неа, долги години подоцна и пишувала писма полни со каење. Во 1986 година и се случила големата љубов со српскиот режисер Горан Гајиќ, а за нивната прва средба раскажа во интервју од пред повеќе години.

-Со брод одевме од Хвар до Вис. Тој се искачи на високиот јарбол, со една рака се држеше за него, и тогаш сфатив дека тоа е човек кој нема страв. Во минатото, моите средби со мажи беа најчесто со ликови кои беа испреплашени, кои имаа паничен страв и од жени. Токму тој страв е и извор за насилството врз жените кое ги одбележува овие простори. И поради тој страв и омразата која произлегува од него, се случи и линчот над мене на почетокот на деведесетите години – раскажала Фурлан.

Во времето кога започнаа немирите во поранешна Југославија, таа беше мета на осуда поради љубовта со Гајиќ. Добила отказ од Хрватскиот народен театар, и бил одземен станот кој го добила од баба и, а дневно добивала и по 50 закани. Поради осудата со која била соочена, со него се преселиле во Србија, каде извесен период работела како продавачка. Се венчале, го добиле синот Марко Лав и заминале во Америка. Нејзиниот талент не остана незабележан во САД. Таа доби голем број на улоги и за кратко време стана ценета личност во светот на филмската уметност. Пред неколку години започнала да предава на филмската академија во Лос Ангелес, а потоа и во Њујорк. Кога во 2008 година гостуваше во ТВ емисија во Хрватска, јавно раскажа за линчот низ кој поминала поради својата љубов и животниот избор.

-Јавно бев линчувана и покажана со прст. Го коментираа дури и начинот на кој сум се однесувала за време на погребот на мајка ми. Не заборавив, бидејќи заборавот не ги лекува раните. Морав да си заминам, за да се зачувам себе . Во САД заминавме со парите од продажбата на нашиот автомобил. Ја поминавме целата емигрантска приказна. Беше тешко, работевме се. Емиграцијата значи дека го губиш својот идентитет и потоа полека мораш од почеток да го создаваш – раскажуваше актерката, која во Америка се прослави со улогите во популарните серии ,,Бабилон 5” и ,,Изгубени”.

Вики Клинчарова

Поврзани новости