Тезата на Обвинителство е побиена со тоа што докажавме и преку сведочењето на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски дека софтверот е набавен на комплетно законски начин со почитување на сите законски процедури. Софтверот е набавен исклучиво за потребите на Владата во рамките на остварување на своите обврски, согласно член 40а од Законот за Влада, изјави поранешниот владин генерален секретар Драги Рашковски, по денешното рочиште за случајот „Софтвери“.
На прашање од медиумите дека Спасовски, во сведочењето пред Судот рече дека не е запознаен со набавката на софтверот, Рашковски рече дека министерот изјавил оти Владата е таа што има право да врши вакви анализи.
– Министерот кажа дека секоја институција во рамките на своите буџети располага и ги врши набавките согласно расположливите средства. Кажа и дека анализи во однос на подобрување на состојбата прави не само Владата, не само Републичкиот совет за безбедност на патиштата, не само МВР, туку и вие како новинари ако истражите и министерот тоа го потврди дека Владата има доделувано дури и грантови преку Фондот за иновации или преку Генералниот секретаријат до невладини организации или правни лица се со цел во процесот на инклузија да се подобри безбедноста во сообраќајот, изјави Рашковски.
Прашан дали софтверот е набавен за потребите на Владата да тестира или за МВР да казнува, Рашковски рече дека Владата ниту може, ниту треба да казнува и дека казнувањето е во рамките на надлежностите на МВР.
– Анализата треба да покаже каде се слабите точки и што се најчестите причини за предизвикување на сообраќајните несреќи, кои што, кога ќе дојде нашиот ред за презентирање, ќе ги видите кои се анализи ги прави софтверот и ќе видите кои се анализи ќе придонесат и придонеле и ќе дадат инпут за понатаму да се развива безбедноста во сообраќајот во државата, рече Рашковски.
Софтверот, посочи тој, има уште 13 други функцоналности, како што се носење на појас, поминување на црвено светло, претекнување на полна линија итн.
Рашковски, исто така, нагласи дека побарале од Судот да дозволи на едно од следните рочишта опремата да биде донесена и во живо тестирана.