593
Откако вчера во јавноста се крена паника кои се членовите на лекарските комисии, кои дури трипати го одбиле барањето на родителите на 9-годишната Тамара Димовска за лекување во странство и нивните имиња јавно беа објавени, денеска со објаснување за целата ситуација излезе доктор Аспазија Софијанова, директорка на Клиниката за детски болести, која стои како потписник на решението од второстепената комисија, со која се одбива лекување на девојчето во странство. Повеќето од членовите на Комисијата се изјасниле негативно за овој случај.
Таа тврди дека е член на Комисијата, но дека не била во државата кога се носела одлуката за испраќање на малата Тамара на лекување во странство. Софијанова вели дека е спремна да понесе морална одговорност, иако не е виновна за случајот, а тоа би значело да се повлече од функцијата во Комисијата.
– Кога сме кај чувството на вина, искрено жалам и согласна сум да ја прифатам вината доколку тоа му помогне некому мирно да спие. Подготвена сум да поднесам морална одговорност како член на Комисијата и да се повлечам од таа функција. Јас ја увидов грешката направена на комисијата и направив се што е во моја моќ да ја исправам во најкус можен рок. Нека овие тешки денови за семејството ни бидат лекција на сите нас. Што не научи Тамара нас? Дека човечкиот живот е поважен од административните пречки, комуникацијата меѓу институциите, соработката меѓу сите засегнати органи. Ве уверувам дека како човек секогаш сум се залагала и се залагам за здравјето на децата. Тоа е моја примарна цел и моја животна битка и како лекар и како директор на клиниката а пред се како мајка – истакна Софијанова.
Според неа, од Фондот за здравство и се јавиле да го потпише барањето, со образложение дека наскоро ќе се отварал Спинален центар и дека се уште не се исцрпени сите можности за лекување во државата. Спиналниот центар беше отоврен на една недела пред Нова година, а на неговото отворање присуствуваше и министерот за здравство Никола Тодоров.
– По донесената негативна одлука од првостепената комисија при ФЗО одлучуваше Второстепената комисија, чиј член сум јас. Мислењето кое го имавме добиено од ФЗО, беше во насока на тоа дека ќе се отвори Спинален центар каде Тамара би била оперирана. Не сум експерт од областа на ортопедија и девојчето никогаш не беше пациент на Детската клиника. Решението го потпишав како претседавач, а не претседател на комисијата, која во мое отсуство едногласно одлучила според насокоите дадени од ФЗО, а според кои ќе се чека отворањето на Спиналниот центар.
Морам да нагласам дека со ставањето потпис на веќе донесеното решение сметав дека е во насока на убрзување на целата постапка, бидејќи без правосилно решение не може да се преземат останатите правни мерки. Моето потпишување или непотпишување на решението кое е објавено во медиумите немаше на никој начин да ја смени одлуката која се носи со мнозинство гласови од членовите на комисијата и која е само потврда на мислењето на првостепената комисија која е составена од специјалисти од областа на ортопедијата кои најдобро можат да ја проценат состојбата на детето – истакна доктор Софијанова.
Таа додава дека може да ја обвинуваат за многу работи, но не и за негрижа кон децата.
– Во 2014 година од оваа клиника се пратени стотина деца на лекување во странство. Секому кому му требало третман кој не сме можеле да му го пружиме бил упатен во странство. Голем дел од нив и со свои раце ги носев во странство, од мали бебиња до големи деца. Во овој момент, сите деца за чие лекување се собираат донации имаат добиено конзилијарно мислење од Клиниката за детски болести за лекување во странство, а постапката продолжува во другите институции – вели Софијанова.