Собранието подготвено за работа во услови на Ковид-19, ќе се мери температура и ќе се седи на растојание

by Fokus

Новиот собраниски состав е познат, со очекувани промени во зависност од тоа кој од таму ќе замине во министерски води или на други позиции во извршната власт. Рокот за свикување конститутивна седница од страна на претседателот на Собранието Талат Џафери е 4 август, и тој веќе изјави дека дотогаш ќе ја свика седницата.

Собраниските служби се подготвуваат согласно мерките за заштита од коронавирусот за одржување на конститутивната седница во големата сала со купола каде што ќе биде обезбедено соодветно растојание меѓу пратениците, собраниските службеници и други лица кои треба да се присутни. Гласовите на оваа седница ќе се бројат рачно, а веројатно и на тие потоа имајќи предвид дека во неа нема инсталирано систем за гласање.

По изборот на нов собраниски спикер, и координатори на пратеничките групи, се очекува веднаш да се пристапи кон избор на начинот на работа на новото Собрание, имајќи ги предвид превентивните мерки за заштита од Ковид-19, но и ресурсите и можностите со кои располага Собранието и неговиот објект.

Можни се неколку сценарија, па дури и одржување седници на далечина (online), за што е потребно менување на Деловникот за работа на Парламентот, но и технички предуслови во смисла на соодветна опрема и компјутери, како и компјутерска програма и заштита на безбедноста.

Собранието, според информации од службите, делумно ги исполнува условите за одржување на седници на далечина, а треба да се обезбеди софтвер за препорзнавање на ликот на пратениците (face recognition software). Пратениците гласаат за закони и прашања од сериозен национален и и државен интерес, така што мора да се гарантира дека токму тие гласаат.

Претседателот на Собранието Талат Џафери во разговорот за МИА минатата недела потврди дека за одржување на онлајн седници е потребно менување на Деловникот за работа и дека за тоа треба да одлучи новиот состав на Парламентот. Независно од ситуацијата со Ковид-19, Собранието бараше менување на актуелниот систем за гласање во парламентарната сала. Џафери обезбеди средства со ребалансот на Буџетот за оваа година, но потоа овие пари му беа земени на Собранието поради кризата со коронавирусот.

Како што брифираат од Собранието, едно од сценаријата што би било можно е одржување седици како во српскиот парламент, односно по десет пратеници од пратеничка група да бидат во пленарната сала или да се менуваат, а гласањето да биде во Големата сала со Купола и гласовите да се бројат рачно бидејќи таму засега не постојат услови за вградување систем за гласање.

Пред одржувањето на конститутивната седница целосно ќе биде дезинфициран објектот на Собранието, а тоа во изминатите месеци е направено уште два пати.

На денот на одржување на Конститутивната седница ќе се мери температура на секој што ќе дојде во собраниската зграда, пратениците и другите поканети гости ќе бидат прифаќани од протоколот и спроведувани точно до местото каде што ќе треба да седат.

Од почетокот на пандемијата, иако пратениците веќе беа распуштени, се почитуваат мерките за заштита од Ковид-19. Иванова за МИА вели дека на влезот во зградата има дезинфициони средства, како сунгер со средство за дезинфекција за чевли и средство за дезинфекција на раце. На секој кат и пред секоја поголема сала има бескотактни апаратчиња за дезинфекција на раце. Вработените во собраниските служби низ зградата се движат со маски, а во канцеларија нема повееќе од двајца, а доколку големината не дозволува тогаш по еден службеник. Постојано се дезинфицира и се пребришуваат кваките и гелендерите.

Кризата со коронавирусот предизвика промени и во работата на новинарите и медиумите. Како што се најавува, имајќи ја предвид актуелната состојба со коронавирусот, најверојатно бројот на медиумските работници во Собранието ќе биде ограничен, а нивните активности ќе се следат во живо преку Собраниските канал и со стримови во живо. Конститутивната седница ќе се следи преку Собранискиот канал, а прес-конференции ќе бидат организирани во Кристалната сала каде што би имало доволено простор за одржување дистанца.

 

Поврзани новости