Претседателот на Собранието Талат Џафери соопшти дека од 18.00 до 19.00 часот ќе трае паузата од расправата за предлог законот за јавното обвинителство, а по 19.00 часот ќе продолжи и ќе трае без прекин додека Парламентот не биде распуштен.
Во попладневниот дел од седницата не можеше да се слушне ништо ново, освен предлогот на Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ која апелира, секој што е засегнат во некои од судските случаи, истражни или предистражни постапки, да не влегува во расправа за законот.
-Кога сме засегнати, добро е да не говориме зашто граѓаните ќе речат дека сме пристрасни. Имам свое мислење за законот и кога ќе дојде време ќе го кажам. Добро е да има добро законско решние за конечно да завладее правото и граѓаните да чувствуваат правна сигурност. Жал ми е што денес гледам како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ учествуваат во самоуништување на партијата. Би сакала ова да престане веднаш и личните наши работи да ги оставиме по дома, истакна Рангелова.
Претходно, во текот на дискусијата, пратениците од владејачкото мнозинство уште еднаш повторија дека донесувањето на законот за ЈО ќе значи почетокот на борбата против корупцијата и криминалот, додека нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ им возвратија дека го туркаат со сила и противуставно, само за да се спасат Заев и други владини функционери од одговорност.