Собранието ќе расправа за продолжување на кризната состојба заради мигрантите

by fokus

Собранието на Република Македонија денеска, со почеток од 11 часот, ќе одржи две седници. На дневен ред на седмата седница е предлогот на Владата за продолжување на кризната состојба, која беше воведена во август 2015 година поради мигрантската криза и големиот транзит на мигранти и на бегалци низ територијата на земјава.

Прво за ова ќе има расправа на комисиите за одбрана и безбедност и на законодавно-правната комисија.

По завршувањето на седмата, Собранието ќе ја продолжи петтата седница, на која пратениците ќе ги разгледаат годишните извештаи на повеќе институции за 2016 година, меѓу кои и извештаите на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, на Дирекцијата за заштита на личните податоци, како и на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

На 30 јуни истекува важноста на одлуката за продолжување на кризната состојба, што беше донесена во октомври минатата година, а со новиот предлог Владата бара нејзино продолжување до 31 декември 2017 година.

Поврзани новости