Собранието на Република Македонија денеска ќе одржи четири седници на кои меѓу другото ќе се расправа за Законот за работни однос, Законот за јавно обвинитлество, но и пакет закони за правосудството – измени и дополнувања на законите за Судски совет на Република Македонија и измени и дополнувања на законите за судовите, кои се во прво читање.
На дневен ред на една од четирите седници е Предлог законот за високо образование, како и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер и измени и дополнувања во Законот за полиција.
Пред пратениците на една од седниците во прво читање ќе бидат ставени измените и дополнувањата на законите за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, електронско управување и за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија.
На дневен ред се ставени и повеќе закони од областа на медицината, меѓу кои измените и дополнувањата на законите за санитарната и здравствената инспекција и за лековите и медицинските средства, двата во прво читање.
Во прво читање ќе се разгледуваат и економски закони меѓу кои измените и дополнувањата на законите за основање на Агенција за енергетика, за стандардизација, за заштита на конкуренцијата, за индустриската сопственост, за Народната банка на Република Македонија, за спречување на перење пари и финансирање на тероризам како и за јавни набавки.
Како што најави лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пратениците од неговата партија се враќаат во Собранието каде ќе бараат гласање на недоверба на Владата.