Собранието едногласно ја усвои Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за преговорите со Бугарија

by fokus 14:40
14:40

Собранието ја усвои Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. За Резолуцијата гласаа 96 пратеник, 95 гласаа „за“, а еден беше воздржан. Претходно, пратениците го поддржаа амандманот поднесен од група пратеници во Резолуцијата да се внесе уставното име на државата Република Северна Македонија.

За Резолуцијата говореше само по еден претставник на пратеничките групи.

- Advertisements -

Пратеникот од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, образложувајќи ја потребата за усвојување на Предлог-резолуцијата рече дека со целосен консензус за нејзино донесување, пратениците имаат можност да покажат силно единство, подготвеност за рационален дијалог и компромис и јасно изразена волја во насока на забрзување на европската перспектива и зацврстување на државниот и национален суверенитет на државата.

– Македонскиот идентитет и јазик се неприкосновена реалност на нашиот народ. Тие се наше наследство од претходните генерации и аманет за идните генерации. Токму затоа со оваа Резолуција посакуваме да ставиме крај на постојано присутните тенденции на негирање на волјата на народот и на преговори без граници за теми и дилеми кои припаѓаат во вековите од далечното минато, кажа Муцунски.

Тој посочи дека со Резолуцијата на македонската дипломатија и се дава цврста алатка во раце, со која на меѓународната сцена одговорно ќе се грижа за целосна заштита на македонскиот идентитет, традициите, етнокултурна посебност, колективен интегритет, заеднички економски живот и наративот за припадност на одреден и географски простор.

– Ова се нашите црвени линии, ова е тоа преку коешто никој ниту имал, ниту ќе има мандат да премине. Преку ова дело го поставуваме никулецот кој ќе ја воздигне нарушената гордоста на нашите граѓани, на нашата нација и држава, рече Муцунски.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески рече дека за социјалдемократите е прифатлива Резолуцијата, но, со прифаќање на нивниот амандман со кој во неа се внесува уставното име Република Северна Македонија, со цел таа да биде во согласност со Уставот.

– Македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската посебност се меѓународно признаени и потврдени, влезени во нашата лична карта во Обединетите нации. Нашите меѓународни позиции се јасно поставени и не знам по колку пати јавно повторени-за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, за македонската посебност, немало, нема и никогаш нема да има преговори. Едноставно, не може да се преговара за тоа што е неспорен факт. Денес, за целиот свет ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик, рече Митрески.

Тој рече дека иако јавно ги кажале своите позиции дека не се преговара за македонскиот јазик и идентитет, ќе ја поддржат резолуцијата за да стават крај на лагите кои се шират за национално предавство на СДСМ.

Поврзани новости