Собрани 10 илјади потписи за Законот за амнестија?

by lali

Неколкумина затвореници и нивните семејства за Фокус потврдија дека се собрани 10-те илјади потписи неопходни да се поднесе Закон за амнестија во парламентот. Иако местата за собирање потписи на ДИК се отворени само шест дена, сепак масовноста на акцијата резултираше потписите да бидат комплетирани.

Граѓанската иницијатива предводена од Мери Николова утринава немаше точен податок за бројноста на потписите со оглед дека се собираат на 33 места низ државата.

-Немам се уште таков податок дека потписите се комплетирани, но тоа што го знам е дека акцијата е масовна и дека многумина сакаат да се потпишат. Деновиве се надевам дека ќе имам поконкретни бројки, вели Николова за Фокус.

Местата на ДИК за собирање потписи ќе останат и натаму отворени и сите тие кои сакаат да се потпишат можат тоа да го направат во текот на работните денови. Сигурно иницијаторите ќе настојуваат да се соберат потписи повеќе од потребното за да имаат сигурна варијанта дека обезбедиле 10 илјади доколку некои од потписите се повторат или се нелегални.

 

Со оглед дека потписи ќе има ќе следува фаза во која експертите ќе подготват Закон за амнестија. Првичната верзија превидува намалување на сите казни за 40 отсто, половина на казните од 6 месеци до една година и целосно укинување на тие до шест месеци. Казните со доживотен затвор не се предвидени. Но тоа што мора да го дефинира овој закон се видот на кривичните дела- дали за сите ќе се однесува 40 отсто или пак само за некои?

Паралелно со граѓанската акција и Демократскиот сојуз спрема законско решение кое ќе го поднесе пред парламентот. Нивното решение ќе содржи поинаква амнестија, односно скалесто пресметување во однос на висината на казните, но и дефинирање на кои дела може, а кои не да се однесува амнестијата.

Поврзани новости