Со Западот или против него, уште еднаш

by Фокус

Никогаш во модерната ера не сме биле поблиску до нуклеарна војна, велат нуклеарните научници, кои сказалките на часовникот ги имаат поставено на 90 секунди до атомска војна. Што можеме ние да направиме? За почеток, да престанеме да ги гнетиме живите души на нашите деца во мртвите кожи на нашите предци, само за да добиеме на избори и да зачекориме заедно со сојузниците.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

Ми се случува, одвреме навреме, по некој да ми изрази комплимент, па дури и благодарност што пишувам.

Покрај инженерот Дичо Дракулевски, мојот пријател од најраното детство, кој прв од маалото тргна во белиот свет уште во 1980-тите како конструктор на фабрики за една американска фирма ширум светот, кој редовно ми праќа оценки за објавените текстови со задолжителното „продолжи“, вниманието неделава ми го привлече мејлот на Васко Крајчевски, по фотографијата помлад човек, во кој пишува:

Пребарувајќи во архивите, си најдов нешто од Вас кое очигледно ми оставило силен впечаток…“.

Го бев заборавил тој текст објавен во „Плусинфо“ и не можејќи да го најдам на сајтот, не ја знам точната дата на објавување.

Текстот насловен „Со Западот или против него?“ ми се стори актуелен за денешнава ситуација.

Имено, како да ѝ е судено на партијата на македонските националисти постојано да се судира со Западот наспроти декларираните позиции за сојузништво.

Оти како што велат Американците, talk the talk and walk the walk. Тоа е израз што се употребува за некој што не дејствува во согласност со она што го зборува.

Во текстот што сум го објавил некаде пред 8 години, Груевски и неговото ВМРО-ДПМНЕ се спротивставуваат на советот на Западот да не одат на уште едни избори.

Владејачката партија, сепак, одлучува да оди на уште едни предвремени избори, независно од мислењето на сојузниците со кревање на патриотските чувства на населението против Западот, кој сенешто нѐ парчи и нѐ дели.

Еве ја колумната.

СО ЗАПАДОТ ИЛИ ПРОТИВ НЕГО?

„Иако ставот е негов, среќа е што изјавата дека, независно од позицијата на САД и на ЕУ, владејачката партија ќе оди на избори, не е изречена од страна на шефот на партијата, па може и да се промени без тој да загуби премногу образ.

Тоа треба да го стори во следните 24 часа пред да се распушти парламентот. Зошто? Затоа што, во нашата четвртвековна историја на независна држава, секогаш сме наоѓале решенија само кога сме соработувале со Западот.

Заборавете ја домашната пропаганда. САД, Велика Британија и ЕЗ се земјите што најмногу вложија во нашата безбедност и во нашата независност на почетокот од 1990-тите.

За македонската модерна држава, со право, може да се рече дека е родена во Европа, со пресудна поддршка од Вашингтон и Брисел, поради европската политика на нашата земја.Тој ноторен факт никако да го признаеме.

Воспитувани дека големите сили се, всушност, историски виновници за сите наши несреќи, упорно се враќаме во историјата и, да го парафразирам Сартр, упорно ги гнетиме живите души на нашите деца во мртвите кожи на нашите предци.

Никогаш, имено, не се потрудивме да ја осмислиме иднината или да ја разбереме реалната меѓународна политика: анархичната структура на меѓународното општество на држави раководени од своите интереси поткрепени од нивната моќ.

Никогаш не се потрудивме да го разбереме фактот дека и другите народи и другите држави имаат свои проблеми, а големите сили и големи проблеми.

Со стереотипи длабоко забиени во нашите мозоци, каков што е оној за западните демократски сили, кои сенешто „нѐ парчат и нѐ делат“, не се ни обидуваме да го разбереме новото време и вредностите што стојат зад моќта на САД и ЕУ.

Останавме плачковци што го бараат невозможното: да се исправи историската правда преку промена на историјата!

Иако тоа не ми изгледа многу веројатно, на таквата ментална човечка подлога, шефот на владејачката македонска партија може да се обиде да го одигра последниот чин на драмата што самиот ја пишува: отпор на притисокот од Запад заради изборна поддршка дома.

Со таквата негова политика, Македонија ќе се доближи до фамозното „украинско сценарио“, со кое поделбите од врвот ќе се пренесат долу во општеството.

Во такви околности, можно е и насилство и страдање на населението, но можна е и интервенција на НАТО.

Вреди да се имаат овие факти пред очи, кога раководството на ВМРО-ДПМНЕ ќе седне да ја донесе конечната одлука дали самите ќе тргнат против сите и дали во таа бездна ќе го повлечат и народот“.

ШТО ЌЕ МУ СЕ СЛУЧИ НА МИЦКОСКИ?

Сите знаеме што му се случи на Груевски, кој од таа конфронтација со Западот излезе губитник.

Што ќе му се случи на новиот претседател на истата партија Мицкоски,останува да се види.

Мислам дека ниту еден поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ не водел таква жестока антизападна кампања како сегашниот.

Оти, од моментот кога под притисок на Брисел и на Вашингтон беше симнато ветото што ни го постави Бугарија и беше заменето со францускиот предлог, може да се зборува само за европско-американски диктат.

Тоа не го крие ниту високиот американски дипломат ОБрајан, кој, на двапати, во кус рок доаѓа во Скопје и инсистира предлогот да се прифати.

Одговорот на високи претставници на партијата ВМРО-ДПМНЕ е тотално инфантилен: „Кој е тој да ни кажува што ние да правиме“, „Ние сме суверена држава“, „Ние ја изразуваме волјата на македонскиот народ“, „Продавачот на коли нека си ја гледа работата“, „Ова е недозволено поведение, кое личи на она од Студената војна“, „Никогаш, додека сум јас претседател нема да се усвојат уставните амандмани под бугарски диктат“

Како ќе одговори Америка на оваа тврдоглавост на Мицкоски, не може да се знае. Си имаат тие и поголеми главоболки од Македонија, какви што се можна трета светска војна, ширење на војната на Блискиот Исток или Трамп анте портас.

Но, Македонија во ЕУ преку францускиот предлог е стратегија за земја, која, еве веќе триесет години, не се движи кон ЕУ, туку само стои на тој пат и претставува опасност по сообраќајот.

Ако посегнат по италијанското повоено сценарио, Западот ќе направи кордон околу ВМРО-ДПМНЕ за да не формира влада или за воопшто да не биде дел од владата, поддржувајќи ја коалицијата што е за уставни промени.

Ако се оствари ставот на албанските партии цврсто да застанат зад Западот, и при максимална победа на ВМРО-ДПМНЕ, ситуацијата ќе произведе политичка криза.

Ако на ова се додадат СДСМ и помалите партии од фронтот за Европа, кризата ќе се продлабочи и политичкиот систем на земјата може да заличи на оној од четвртата француска република, кога максималниот век на една влада бил 8 месеци.

Сето ова неизбежно ќе се пренесе и на меѓуетничките односи.

НЕ СТУДЕНА, ТУКУ АТОМСКА ВОЈНА

Во такви услови на долготрајна криза може да почне да се менува расположението кај Македонците и да опаѓа националистичката грозница за нивната загрозеност во прилог на западниот предлог за промена на Уставот.

Кога големите сили ќе застанат зад еден предлог, го губат кредибилитетот ако ја сменат политиката заради една партија што им ги расипува плановите за евроинтеграција на РС Македонија во ЕУ.

Отсуството на талент за стратешко мислење е наша генерална мана, ама ВМРО-ДПМНЕ е шампион.

Како баш ништо да не разбираат од меѓународна политика. Преку изјави и на дипломатски начин О”Брајан му вели на Мицкоски дека мора да го обелодени својот план и да објасни како ќе го спроведе.

Мицкоски, пак, не разбира дека тој со кој треба да се преговара седи карши него и му вели дека нема да има такви репреговарања.

Имено, не разбира, дека големите сили ја држат и ја уредуваат рамката на светската политика и дека не смее ни да помисли дека за сите одлуки ќе ја прашаат малата држава, дури и кога нејзината судбина е во прашање.

Не е ова време на Студената војна во протест ќе каже професорот Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ, критикувајќи го поведението на „продавачот на автомобили“.

Студена војна? Денес се случуваат такви поместувања во структурата на светската моќ што веќе може да жалиме по предвидливоста на тој биполарен свет наспроти денешниов хаос.

Имено, никогаш во модерната ера не сме биле поблиску до нуклеарна војна, велат нуклеарните научници, кои сказалките на часовникот ги имаат поставено на 90 секунди до атомска војна.

Што можеме да направиме ние? За почеток, да престанеме да ги гнетиме живите души на нашите деца во мртвите кожи на нашите предци само за да добиеме на избори и да зачекориме заедно со сојузниците.

Поврзани новости