За жал досега поради дневнополитичко толкување на Охридскиот Рамковен договор, а пред се на Уставот, многу нови и воопшто непредвидени работи излегоа од зацртаната ,,рамка” и од нормалата. Со досегашниот „Закон за употреба на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во Република Македонија и во единиците на локалната самоуправа“ (од 2008 година како и со измените и дополнувањата на истиот во 2011 година) во целост беше испочитуван амандманот 5 на Уставот на РМ и во најголема можна мера беа остварени политичките и други заложби на Рамковниот договор поврзани со унапредувањето на статусот на албанскиот јазик и на јазиците на другите заедници во РМ.
Со новоусвоениот Закон за употреба на јазиците наместо зацртаната и во Уставот декларирана мултиетничност, доаѓа до зацврстување на бинационалниот карактер на државата и билингвалноста. Во едно мултиетничко општество повеќе е од неодговорно, но и од правен аспект е спорно, политичките елити да фаворизираат една етничка заедница, нејзиниот јазик, обележја и симболи, наспроти останатите етнички заедници и нивните обележја, со кои треба да се гради соживот во државата.
Жално е што со овој Закон и директно и индиректно се стимулира етничка припадност да стане главен, односно доминантен елемент за идентификација. Со решенијата во Законот, македонскиот јазик како официјален и службен јазик на целата територија и во меѓународните односи е изедначен со јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните. Сето ова во иднина ќе доведе до зголемена политичка моќ на припадниците на заедниците или заедницата која брои повеке од 20%, а за најмала последица ќе го има дополнителното нарушување на веќе нарушениот принцип на соодветна и правична застапеност, посебно во државната и јавната администрација.
Законот за употребата на јазиците не само што ги надмина рамките на Уставот, туку тој е спротивен и на Европската повелба за регионални и малцински јазици.
За вакво нешто може да се разговара и да се реализира само во оној момент кога ќе порасне свеста и совеста на граѓаните за припадност и лојалност кон државата во која се родени (без разлика на верската, етничка или било каква друга припадност или потекло), кога сите државата ќе ја чувствуваат како своја и кога нема со едно око да намигнуваат на други држави.
проф. ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ