Со закон се забрани објавување на нови „бомби“, предвидена е и казна затвор

by fokus

Четири нови „бомби“ денеска протекоа во јавноста, откако беа објавени на интернет, поточно на руска социјална мрежа. Станува збор за четири телефонски разговори насловени како: „Оливер и Гордана“, „Кочо и Саше“, „Фрчко и Алберт Муслиу“, и „БЦ и Дамјан Манчевски“.

Од СЈО веднаш посочија дека разговорите не се протечени од обвинителството.

По објавувањето на „бомбите“ се создаде дилема за тоа дали тие смеат да се споделуваат во јавноста, бидејќи во октомври 2015 година беше донесен Закон за заштита на приватноста. Во член 1 став 3 изречито се забранува нивно објавување.

“Со законот се утврдува и забрана за поседување, обработка, јавно објавување и располагање на било кој начин со материјали кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите извршени во периодот од 2008 до 2015 година, вклучувајќи и нивно користење и располагање во изборен процес, политички или други цели и постапки.“

Подолу во Законот пак се предвидени и казни и тоа до една година затвор, напоменувајќи дека тоа важи за објавување на приватни разговори, а не важи за разговор кои се од јавен интерес.

„Тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која што е прислушувана или тонски снимена ќе се казни со казна затвор до една година, доколку содржината на разговорот ја нарушува приватноста на личниот и семејниот живот. Оваа одредба не се однесува на разговор или изјава од јавен интерес, се вели во членот 4, став 1.

Слична е и одредбата во став 2.

„Тој што ќе објави прислушувани или тонски снимени разговор, или делови од нив или транскрипти,  со кој се врши повреда на семејниот или приватниот живот ќе се казни со затвор од еден месец до една година,“ предвидува став 2.

Во став 3 пак е предвидена и парична казна за правното лице, а за одговорното лице казна затвор од еден месец до една година.

Иако од овие одредби се сфаќа дека казната следува само за оној што ќе објави бомби со приватна содржина, а не од јавен интерес, сепак, забуната е во тоа што во во погоре цитираниот став, член 1 став 3, се забранува објавување без да се разграничи дали разговорот е приватен или од јавен интерес.

Овој закон беше донесен и покрај сериозните забелешки на Венецијанската комисија,  од каде што посочуваа дека одредени одредби се премногу општи но и конфузни.

В.В.

 

 

Поврзани новости