Државната комисија за спречување на корупција ќе поднесе иницијатива до Јавното обвинителство за покренување кривична пријава против поранешниот претседател на Основниот суд Скоје 1, Владимир Панчевски, кој си го вработил својот внук на позицијата помлад судски соработник.
Антикорупционерите се сомневаат дека Панчевски извршил посериозно кривично дело од непотизам. Како што појаснија од Антикорупциска на денешната седница, внукот на Панчевски, Јордан Тасевски, бил вработен на позицијата помлад судски соработник, иако воопшто не бил пријавен на огласот за вработување објавен од судот.
-Ќе се испитува злоупотреба на службена положба кај Панчевски. Со ова тој ги надминал неговите надлежности. Ова не само што е незаконско постапување, туку е надвор од сите закони – рекоа антикорупционерите. Како што појаснија тие, на огласот за оваа позиција биле пријавени 155 кандидати. Сите биле одбиени и наместо нив бил вработен внукот на Панчевски, кој воопшто учествувал на конкурсот.
-Одлуката за вработување се доставува на лице кое не е пријавено како кандидат. Излегува дека лицето е уфрлено во листата – рече претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска.
Маја Васева