Не ме барај далеку, погледни во себе – Тоше напишал песна пред да почине, неговиот другар Блаже ја сними!

by fokus

-Знам иде и тој ден како некогаш и сонцето изгрева за секој од нас трошка утеха во спомени барам во срцево носам љубов и тага не барај ме далеку погледни во себе јас се уште чувам место за тебе – се дел од стиховите кои ги напишал Тоше Илиевски, кратко пред да почине, надевајќи се дека сепак еден ден ќе ја победи болеста и неговата песна ќе биде снимена и пуштена во етерот.

Веста дека триесет годишниот музичар Тоше се бори со канцер на лимфни јазли и како му се потребни околу 32.000 евра за лекување одекна во јавноста пред неколку месеци, кога Илиевски го сподели апелот на својот социјален профил. Ги замоли хуманите луѓе да донираат и да му помогнат да собере пари за скапото лекување на клиника во странство, каде му дале ветувачки прогнози. Сепак, сумата не беше собрана, и Тоше годинава во месец април ја изгуби битката.

Јавноста и естрадата беа затекнати од лошата вест и прерано прекинатиот живот на музичарот. Сакајќи да го зачува споменот на Тоше, но и да му ја исполни желбата неговата песна да биде снимена, неговиот пријател Блаже Билбиловски ветил дека последниот текст за песна, кој Тоше го напишал, ќе заживее и ќе биде претставен пред јавноста.

,,Биди силна до крај” е насловот на нумерата за која Блаже вели дека се создала спонтано, на една од многуте седенки и дружби кои ги имале со Тоше. Истата тој ја промовираше пред неколку дена, горд поради тоа што го исполнил аманетот кон пријателот. -Песната ,,Биди силна до крај” се случи спонтано, кај мене дома, со текст на Тоше. Во една пријатна домашна атмосфера, со гитарата во рака, додадовме и музика на стиховите. Тоше ми беше другар, колега од бенд, го чувствував како постар брат. Животот знае да биде суров, а снимањето на песната и нејзина промоција е најмалку што можев да сторам за него. Се надевам дека ќе им се допадне на слушателите – раскажа за ,,Фокус” Билбиловски.

Уште како дете тој започнал да свири на кларинет и саксофон. Вели дека тајните на инструментите ги изучувал со наши познати музичари. -Уште од најрана возраст ја засакав музиката и започнав да се ,,дружам” со дувачките инструменти. Подоцна почнав да свирам во културно уметнички друштва, и во разни бендови.На живите настапи често се случуваше да го земам микрофонот и по нешто да запеам.Често наидував на позитивни критики од колегите музичари,а и од публиката.Тоа ме инспирирше да почнам да пејам,и да градам соло кариера – раскажува Блаже.

Музиката за песната е на Бошко Билбиловски, а Блаже вели дека веќе започнал со работа на нови материјали.

Вики Клинчарова

Поврзани новости