Преку матичните лекари, во Дебар и во околината на Дебар ќе се прави анализа на имунитетот на граѓаните откако во овој град беше укината кризната состојба и каде одреден период нема заразени. Ќе се направи скриниг на дваесет отсто од населението и оваа слика ќе се користи за понатамошни анализи и планови за справувањето со вирусот Ковид -19, откако се појавија и информации дека во Кина и Јужна Кореја има многу повторно заболени кои го прележале вирусот.
-Направивме целосен распоред за активности преку матичните лекари во Дебар и околината на Дебар за начинот на скрининг на пациентите со антитела со оглед на тоа што таму е веќе фаза на епидемијата во која немаме новодијагностицирани пациенти. Сметаме дека ќе бидат добар примерок за тоа каква е состојбата на населението во смисла на евентуално стекнување на имунитет и врз основа на тој примерок епидемиолозите ќе прават соодветни анализи, рече министерот за здравство, Венко Филипче.
Досега вкупно се направени 9262 теста, а во изминатите 24 часа, 710 теста.